Експерти и невладини со отворено писмо бараат да се забрани технологијата за препознавање лица

Група од 180 експерти за технологија и приватност денеска објавија отворено писмо со кое бараат забрана за користењето на технологијата за препознавање на лица.

Писмото го објави коалицијата на 120 невладини организации со поддршка од 60 експерти и во него тие повикуваат „полицијата, другите државни органи и приватните компании, итно да ја запрат секоја употреба на технологијата за препознавање лица на јавните простори и нивно користење во контекст на миграциите и азилот“.

„Имаме цела низа на работи кои не загрижуваат во врска со надзорот во препознавањето лица – од неговата некомпатибилност со човековите права, до можноста за дискриминаторски влијанија, недостаток на заштитни механизми, законски надзор и правна основа, како и немање докази дека ваквата технологија е неопходна или пропорционална“, се наведува во писмото.

Овој нивен став е дел од кампањата која експерти за технологија и приватност на интернет ја водат против технологијата за препознавање лица додека во тек е изработката на конечниот текст на предлог законот за вештачка интелигенција во Европската Унија, пренесува Политико.

Според најавите, Европскиот парламент, ЕУ Комисијата и владите на државите членки на ЕУ треба да одржат трета рунда на преговори за овој закон од 2 до 3 октомври.