Експерименти, предавања и работилници на ПМФ во склоп на „месецот на науката“

На Природно-математичкиот факултет во Скопје вчера започна манифестацијата „Ноември – месец на науката“. Главна цел е преку работилници, предавања на популарни теми од науката, експерименти и презентации да се афирмираат природните науки.

Манифестацијата започна со ученици од прво до шесто одделение. Наредната сабота (23 ноември) ќе биде фокусирана на ученици од седмо до деветто одделение, а на 30-ти ноември ќе се одржуваат настани наменети за ученици од средни училишта. Годинава се вклучени 800 ученици.

Во текот на „месецот на науката“, учениците имаат прилика да слушаат научно-стручни популарни предавања, презентации и работилници, како и да учествуваат во натпревар за изведување експерименти/изработки/симулации/модели.

Организаторите се надеваат дека на овој начин ќе ги зголемат ентузијазмот и креативноста на младите вљубеници во науката и истражувањето.

Главен организатор на манифестацијата е Македонското географско друштво, во соработка со Македонското биолошко друштво, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на математичари на Македонија, Македонското астрономско друштво, Скопското астроном­ско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти биолози, Истражувачко друштво на студенти географи и Природно-математичкиот факултет.