Еколозите се противат на градење во Националниот парк „Галичица“

За изградба на експресниот пат до Албанија, три туристички развојни зони – две во Преспа и една во Љубаништа и ски центар, ќе бидат искористени 395 хектари од Националниот парк Галичица. Еколозите се против ваквото решение инаку предвидено со предлог измените на Планот за управување со паркот „Галичица“ во периодот од 2011-2020 година, јавува Радио Слободна Европа.

Како што стои во експертската анализа за Галичица, регионот има потреба од економски развој и модернизација на патната инфраструктура, но постојат можни последици од загрозување на природните живеалишта на четири ендемски видови флора и фауна, како и последици врз подземните води и почвата.

„Очекуваме од надлежните административни тела, Националниот парк, од Општина Охрид и Министерството за животна средина, да ги прифатат овие препораки и да се оттргнат од спроведување на овие проекти како што се изградбата на патот и туристичките развојни зони. Дополнително во догледно време очекуваме да се испочитуваат одредбите за меѓународна консултација и да се воспостави комуникација со албанската страна и да се консултира УНЕСКО во однос на заштитата на Охридското Езеро“, смета Александра Бујароска од Здружението на граѓани Форум 24/41.

На негативни последици врз одредени ендемски видови флора и фауна кои егзистираат единствено на Галичица предупредува и д-р Оливер Аврамоски, раководител на секторот за зачувување на природата во НП Галичица.

„Издвоени се неколку видови кои што се ретки или имаат мали популации за кои ќе треба да се бара решение, исто така и за дел од живеалиштата кои што се заштитени со закон“, вели тој за „Телма“.

Експертите укажуваат дека изградбата на експресен пат ќе го подели националниот парк и ќе ги прекине природните патишта на животните, а загриженост за најавените проекти на Галичица изразува и УНЕСКО, под чија заштита е културното и природното богатство на Охрид.