Еколошките организации со план како да се намали загадувањето на воздухот

Повеќе еколошки граѓански организации презентираа предлог-план за тоа како да се намали екстремното загадувањето на амбиенталниот воздух во Македонија, проблем со кој последниве години се соочуваат сите граѓани. Планот ја анализира законската регулатива и нуди конкретни мерки за почист воздух за граѓаните.

Состојбата со аерозагадувањето е многу посериозна од тоа што ние претпоставуваме, предупреди професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

„Ние сме рекордери во горење дрва за греење. Имаме и несоодветно согорување на фосилните горива. Немаме соодветни филтри. Имаме сериозен проблем со несоодветно справување со индустриски отпад. Сред Скопје имаме депонија на линдан кој е 40 години оставен на отворено и се разнесува низ градскиот воздух. При мерења кои сме ги направиле, детектирани се многу високи количини од 3 нанограми на метар кубен линдан. Тоа е канцерогена супстанца“, рече Стафилов.

Планот е поттикнат од сериозната состојба со високата загаденост на воздухот и протестите на граѓаните, објасни Невена Смилевска од организацијата Еко-свест.

Александра Бујароска, еколошки правник, која работела на законската регулатива во планот, смета дека недостига акционен план кој ќе се спроведува во моментот кога ќе настане вонредна состојба на загадување на воздухот.

Организациите предлог-планот го презентираа пред колеги од граѓанскиот сектор, домашни експерти, луѓе од бизнис секторот и претставници на Град Скопје и порачаа дека тој е отворен за предлози, забелешки и измени од сите граѓани. Според Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, потребна е поблиска координација помеѓу институциите за решавање на аерозагадувањето.

„Не постојат сообраќајни планови кои би се ефектуирале кога ќе настане проблемот. Не е стимулација за пешачење и велосипедизам ако ги проширувате улиците. Напротив треба да се стеснуваат“, рече таа.

Предлог планот го изработија Центарот за истражување и креирање политики Еко-свест, Аналитика, Центарот за климатски промени, ОРТ, Македонски зелен центар, Реактор и еколошкиот правник – Александра Бујароска.