Еколошки и социјални теми победници на средношколкиот натпревар за иновации

Пет тима составени од млади на возраст од 13 до 19 години добија по 120.000 денари од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ, за реализација на своето иновативно решение за општествен проблем што го идентификуваа во својата заедница.

Наградените идеи се движат од иновативни начини за комбинирање велосипедизам со полнење на мобилни телефони, преку рециклирање и намалување на употребата на пластични шишиња, па сѐ до воведување здрава храна во училиштата и развивање инклузивен центар за млади со попреченост.

„Нашата идеја се базира на две придобивки: еколошка и финансиска. Пресметавме дека учениците во нашето училиште фрлаат околу 4.000 пластични шишиња неделно и дека ако ги замениме со термоси, можеме заедно да заштедиме 80.000 денари неделно,“ велат Теодор, Филип и Дамјан од основното училиште „Владо Тасевски“, членови на победничкиот тим.

„Веќе користиме разни стратегии за промовирање на новиот тренд меѓу нашите врсници, на пример изложуваме интересно дизајнирани термоси и  изработуваме видео, така што повеќето ученици веќе го следат примерот.“

Програмата насловена „АПШИФТ“ започна со локален повик за самоформирање на групи од млади на 13-19 годишна возраст за да осмислат иновативно решение за некаков општествен проблем. Беа примени скоро 100 апликации и панелот од претставници на приватниот и јавниот сектор ги избра најдобрите 10 идеи.

„Тимовите се собраа на дводневна работилница за креативно размислување со цел да ги развијат своите идеи под насока на ментори. На работилницата, младите добија помош околу совладување клучни вештини како што се критичко размислување, комуникација, тимска работа, претприемништво и управување со проекти. Тие добија насоки како да ги користат овие вештини за откривање и анализа на реални предизвици и проблеми со кои се соочуваат нивните заедници, и да понудат претприемачки решенија и бизнис-идеи за нивно решавање“, информираат од УНИЦЕФ.

Оттаму информираат дека ќе се одржат уште два циклуси на натпревари до јуни 2019 година, при што следниот локален повик за самоформирани групи на млади на 13-19 годишна возраст треба да се објави во текот на овој месец.

Програмата „АПШИФТ“ – прва од ваков вид во земјата – каде се комбинираат работилници за општествени иновации под водство на ментори, обезбедување материјали и основни финансиски средства, овозможувајќи им на младите да стекнат претприемачки вештини.

Таа се заснова врз методологијата „дизајн во чиј центар е човекот“ која е пренослива и може секојдневно да се користи во наставата и им помага на наставниците и учениците да научат како да поттикнат креативност и претприемништво со помош на докажани техники и надвор од работилницата.