Екологија: Макстил испушта околу 8 000 тони индустриска прашинa!

Макстил испушта околу 8 000 тони прашинaВака изгледаат утрата во Железара кога работи Макстил, еден од најголемите загадувачи во Скопје. Очите печат, чуден мирис на метал се шири воздухот и црвен прав паѓа на земјата, вели Мери Терзиева чиј стан се наоѓа веднаш до фабричкиот оџак. Мајката на две деца е загрижена за нивното здравје.

Но од Макстил велат дека загадувањето е само визуелно. Редовните мерења на емисиите во воздухот покажуваат дека иако нивото на штетните материи е над европските стандарди, сепак е дозволено со македонските закони.

Дел од анализите се прават во нашите лаборатории, но за диоксините и фураните кои имаат канцерогено дејство, а поради кои во западноевропските држави се затвораат фабрики, државата го задолжува Макстил сам да ги плати и направи мерењата.

Сепак, неодамнешниот директор на Управата за животна средина и експерт за инустриско загадување Филип Иванов се сомнева во тоа ваквите резултати. Објаснува дека резултите зависат од земените мостри за испитување, кoи се менуваат зависно од составот на старото железо кое се топи во фабриката.

Со просечно производство од 300-400 илјади тони челик годишно, Макстил испушта околу 8 000 тони прашина, која кога станува збор ваков тип на индустриски капацитети, вообичаено содржи тешки метали, силикати и канцерогени материи, објаснува Иванов. Тој додава дека ваквите загадувачи не смеат за работат во земјите од Европската унија.

Но од Макстил се децидни, со оглед на кризата во која се наоѓа металалургијата, тие сега немаат пари за поставување филтри, односно за кровната капа која ќе ги собира и филтрира гасовите кои засега слободно се пуштаат во атмосферата. Затоа и побараа одложување на роковите за воведување на еколошките стандарди до 2019-та, наместо до април идната година, како што беше претходно договорено со институциите.

Ваквата уцена ја очекуваа властите, па со цел преку металургијата да се спасат извозот и вработеноста, уште лани најавија пакет мерки за помош на компаниите, поволни кредити за продолжување на производството и одложување на роковите за примената на еколошките дозволи.

Оттука, поради фактот што Макстил е еден од најголемите извозници во земјава, станува сосема извесно дека ќе воведувањето на еколошките стандарди за работа ке биде пролонгирано до 2019-та. На ова реагираа невладините организации, кои беа и учесници во единствената јавна расправа која се одржа во Гази Баба за решавање на проблемот со загадувањето во Железара.

Во очекување на нови нарачки, Макстил не работеше последниве 3 месеци. Сега се спремаат печките и кон 1-ви април повторно ќе почне да се топи железото. Шемата е позната, поголем дел од вработените во компанијата живеат во близина на фабриката.

Тие молчат за загадувањето исплашени за сопствената егзистенција, вели Терзиева. Останатите се гласни во своите барања и предупредуваат дека, иако се жители во населбата Железара се најзасегнати, цело Скопје го дише истиот воздух.

Јасмина Јакимова