Екоавтобуси пуштени во скопскиот сообраќај

Нови екоавтобуси на гас, од германската компанија MAN кои се дел од возниот парк на ЈСП, од денеска се пуштени во скопскиот сообраќај. Екоавтобусите сообраќаат на линиите 2, 5, 15 и 57.

„MAN“ автобусите се енергетско ефикасни и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6.

Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

Во цената на секој нов „MAN“ екоавтобус е вклучено и одржувањето на автобуси како промена на масло, филтри и лесно отстранливи дефекти во гарантниот период од 3 години, како и специјален наменски алат за сервис и одржување на автобуси, кој е изработен од специјални материјали, комбинација на пластика, алуминиум и нерѓосувачки челик. Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.

Новата набавка на новите 33 нископодни MAN CNG автобуси за ЈСП, на претпријатието му дозволува превоз на двојно повеќе патници. Автобусите се со повеќе врати за влез и излез и валидатори на предната и на задната врата.

Во моментот на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и 5 зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси.