„Еко-живот” од Кавадарци со кампања за собирање на електронски отпад

Еколошкото друштво „Еко-живот” од Кавадарци почна кампања за собирање електронски отпад. Во текот на вчерашниот ден во Основното општинско училиште „Страшо Пинџур” учениците и наставниците  донесоа  стотина стари електрични уреди, телефони и батерии.

Како што информира денеска претседателот на друштвото Роберто Паризов, кампањата е во соработка со „Нула отпад”, а целта е подигање на јавната свест за електронски отпад. Тој изрази задоволство од големиот интерес кај децата за оваа акција за сепарирање и рециклирање на електронскиот  отпад, кој, како што рече, претставуваа своевидна опасност по животната средина.

„Акцијата се реализираше по претходно потпишан договор за соработка меѓу „Нула отпад” и општина Кавадарци, а „Еко-живот” во акцијата се јавува како заинтересирано екоколошко друштво на кое главни цели му се животната средина и нејзино зачувување, како и подигањето на јавната свест“, соопшти Паризов.

Тој најави уште една ваква акција во ова училиште следната недела. Ќе следуваат и други активности во соработка со други заинтересирани субјекти.

Собраните електрични уреди и батерии ќе бидат подигнати  од фирма која располага со соодветни лиценци за справување со ваков вид на отпад.

Извор: МИА