Еко свест: Зелениот акциски план за граѓаните на Скопје се носи без граѓаните

Зелениот акциски план за градот Скопје кој во моментов е во фаза на изработка се работи зад затворени врати, алармираат од здружението Еко свест.

„Оваа година градот Скопје стана еден од 29 градови во светот кои добиваат поддршка од Европската банка за обнова и развој да изработат Зелен акциски план (Green City Action Plan) со цел да започнат со решавање на најитните еколошки проблеми. Овие зелени акциски планови би требало да се носат на транспарентен начин со учество на граѓанските организации и граѓаните уште од фазата на идентификација на проблемите, меѓутоа сите презентации и работилници кои досега се одржаа како дел од овој процес во Скопје беа само со покани, а граѓанските организации и граѓаните не беа поканети“, велат од здружението.

Информираат дека во април испратиле барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации кои би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план.

„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои истиот ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество“, посочуваат од Еко-свест.

Потсетуваат дека Скопје последниве 15 години е жртва на лоши и нетранспарентни политики на властите. Затоа, додаваат, кога станува збор за одлуки за квалитетот на живот на жителите на градот како зелениот акциски план, тој треба да се изработува на најтранспарентен начин и со вклученост на граѓанските организации и граѓаните на овој град.