Еко-свест започна петиција за укинување на субвенциите за мали хидроцентрали

Од денес Еко-свест започнува со кампања против изградбата на мали хидроцентрали и укинување на државните субвенции од буџетот за изградба и субвенционирање работата на малите хидроцентрали.

Во рамките на кампањата отворена е и петиција за укинување на субвенциите за малите хидроцентрали, чија изградба, како што велат од организацијата, остава непоправливи последици по животната средина и природата.

Од Еко-свест напоменуваат дека работата на малите хидроцентрали го загрозува опстанокот на водните екосистеми, на заштитените и ендемски видови, како и на луѓето и биодиверзитетот во целина, а нивната изградба е проследена со сериозни прекршувања во правните постапки, почнувајќи од издавање концесии, преку подготовката на стратешките документи, сѐ до моментот на пуштање во употреба.

„Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина. Се градат во некои од нај живописните речни долини, во строго заштитени и еколошки чувствителни подрачја, со што прават непоправлива штета на природата и биодиверзитетот. Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои на сопствениците им гарантираат сигурен профит. Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата,  во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата. Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа. Секое семејство во земјава, секој месец плаќа 6% од висината на месечната сметка за струја, за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали ние граѓаните, плаќаме дури 16 милиони евра“, додаваат од Еко-свест.

Во рамките на кампањата од организацијата промовираа и краток документарен филм за негативното влијание на малите хидроцентрали преку директни сведоштва на граѓани од различни краеви на државата. Филмот може да се погледне на линкот во продолжение:

Петицијата на Еко-свест може да се најде на следниов ЛИНК.