Еко-свест: ТЦ Осломеј ќе стартува со работа, а јавноста не е известена за тоа

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје известува дека повторно ќе стартува со работа Т.Ц Осломеј, иако за тоа не била информирана јавноста.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

Еко-свест известува дека на 29 октомври била одржана јавна расправа за Студијата за оценка на влијанието на модернизацијата и рестартирањето на Т.Ц. Осломеј врз животната средина. За јавната расправа јавноста не била претходно известена,  соопштение нема на веб страната на АД Електрани на Македонија, ниту на веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање, а соопштение нема и на гласилата на засегнатата општина Кичево.

Единствено соопштение до кое дојдовме ние е веста објавена во неколку македонски медиуми за веќе одржана јавна расправа објавена неколку дена отпосле, односно на 03/10/2016 година иако сппред Законот за животна средина инвеститорот има законска обврска да ја извести јавноста најмалку во едно дневно гласило на Републиката и на интернет страницата на органпт на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Би сакале да потсетиме дека во декември 2016 Република Македонија и официјално стана потписник на Парискиот договор за клима со кој се обврзува да ја намали употребата на фосилни горива, до нивно конечно исфрлање од употреба и замена со обновливи извори на енергија со цел да се спречат натамошните катастрофални последици од климатските промени.

И покрај преземените обврски со овој договор Република Македпнија планира и понатаму да користи домашен лигнит, кој освен што е со нискокалорична вредност, предизвикува и огромни штети по здравјето на луѓето и климата. Плановите превидуваат и употреба на увозен јаглен, кој освен што има негативни здравствени ефекти, потребно е и да се транспортира со што би се генерирале дополнителни стакленички гасови.

 Според здравствената студија „Колку чини животот“ изработена во 2014, секоја година како резултат на загадувањето од термоелектраните во Битола и Осломеј од бронхитис заболуваат 60 деца.

Еко-свест и Фронт 21/42, веќе трета година спроведуваат кампања за „Градење партнерства за заштита на климата во Македонија“ која вклучува работа на усогласување на термоелектраните на лигнит (ТЕЦ Битола и Осломеј) со стандардите на ЕУ како и со новата Директива за индустриски емисии. Досега во неколку наврати сме побарале директно учество во донесувањето одлуки поврзани со термоелектраните на лигнит до Министерството за животна средина. За жал, и покрај нашето залагање за учество во донесување одлуки поврзани со термоелектраните на лигнит, не бевме директно информирани за овој процес.

Веќе евидентиравме бројни прекршувања во постапките за информирање и учество на јавноста во носењето одлуки кои ги засегаат и испратен е допис до надлежните институции.