Еко-свест: Наместо во ноември, City tree инсталациите ќе бидат увезени на почеток на 2017 година

Во октомври оваа година, на прес конференција објавивме дека инсталациите ќе пристигнат во Македонија во ноември. Но, поради дополнителни постапки за издавање сертификати за растителниот материјал, инсталациите ќе бидат увезени на почетокот на 2017 година, соопштуваат од Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“.

Од еколошката организацијата потенцираат дека проектот го спроведуваат со поддршка од Германската амбасада во Р.Македонија, а Град Скопје и Општина Тетово понудиле локации за поставување на City Tree инсталациите на што, велат тие, гледаат како „отвореност за натамошна соработка во насока на зголемување на зелените површини во градовите и активности во насока на намалување на аерозагадувањето“.

„City Tree инсталацијата е иновативно решение за справување со загадувањето на воздухот од азотни оксиди, јаглерод моноксид и диоксид и ПМ10 честички (прашина). Користејќи ја апсорбирачката моќ и издржливоста на мововите во комбинација со новите технологии (соларен панел), оваа инсталација е само-одржлива. Една ваква инсталација го елиминира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и има ист ефект на апсорбирање на CO2 и разладување како 275 дрвја меѓутоа во никој случај не е замена за дрвја, и ова Еко- свест го истакна во секое свое обраќање до јавноста. Поставувањето на овие инсталации треба да ни служи како дневен потсетник за високото аерозагадување и како нашите секојдневни навики влијаат на зголемување на аерозагадувањето како и итната потреба од зголемување на дрвјата и зелените површини во градовите на републикава“, велат од „Еко-свест“.

Од органзацијата веруваат дека ваквите иновативно технологии се потребни во нашите градови кои се гушат во загадувањето. Сепак, велат од „Еко-свест“, тие само по себе не се доволни за справување со овој проблем.

„За решавање на овој проблем е потребно големо заложување од институциите – примена на законските регулативи, реализација на акциски планови со мерки и посебна посветеност на зголемување на зеленилото во урбаните средини. И граѓаните треба да учествуваат во решавањето на овој проблем преку нивно делување (намалување на загадувањето од возилата и домаќинствата и промена на секојдневните навики) и активно учество во процесите на донесување на одлуки во животната средина и урбаното планирање“, велат од Еко-свест.

Инаку, од „Еко-свест“ неодамна објавија опсежен предлог план за управување со загадувањето на воздухот во Македонија, кој содржи детални мерки и акции и ги повика сите граѓани да ги дадат своите коментари.