Еко-свест: Маркова река затрупана при изградбата на малите хидроцентрали

Маркова река деновиве е целосно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, реагираат од здружението Еко-свест.

Тие се разочарани од она што го воочиле на терен откако алармирало локалното население. Со фотографиите кои ги испратија до медиумите укажуваат дека цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.

Од Еко-свест потсетуваат на членот 44 од Законот за води кој гласи: „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Посочуваат дека според член 49 од истиот закон, треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода“.

„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Ова според здружението е особено сериозно, бидејќи се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари.

„Бараме од министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Исто така бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет. Потребна е итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина“, се вели во реакцијата на Еко-свест.