Еко-проект на ученици од ОУ „Лазо Трповски“ награден во Хамбург

Еко-проект на ученици од 9б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје го освои осмото место на 16. Меѓународен еколошки училиштен натпревар ГЕО 2014, кој традиционално се одржува во Хамбург, Германија.

Благодарејќи на овој висок пласман проектот беше награден од страна на стручното жири. Учениците на натпреварот учествуваа со истражувачки проект на тема „Заштитата на пошумените површини на локалитетот Калимерово“, што беше координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски. Еко-проектот учениците го реализираа во соработка со експерти од УКИМ Шумарски факултет во Скопје.

Според наставникот Симовски, особено внимание кај стручното жири привлекол начинот на пошумување со помош на соодветен воден апсорбент и подоцнежната заштита на пошумените површини со црн бор и багрем на локалитетот Калимерово. Имено, локалитетот Калимерово што се наоѓа во близина на Штип е еден од најсушните региони во Република Македонија (со годишни количества врнежи до 500 мм на квадратен метар) и речиси сите извршени акции за пошумување или масовни пошумувања во последните дваесет години (без соодветен воден апсорбент) не ги дале очекуваните резултати.

Годинашниот натпревар во Хамбург беше на тема „Биолошката разновидност и заштитата на видовите“. Организатор на натпреварот е списанието ГЕО во соработка со Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ) и еколошката фондација Хајнц Зилман. Овој еколошки меѓународен училиштен натпревар традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот – 15 јуни. На годинашниот натпревар учествуваа околу 15 000 учесници од 10 европски земји со вкупно 600 проекти.