Eко-организациите со жалба до Комитетот на Бернската конвенција: Охрид не е место за масовен и викенд-туризам

Партнерските еколошки организации „Фронт 21/42“ и „Еко-свест“ денеска иницираа жалба пред Постојаниот комитет на Бернската конвенција во Стразбург. Ваквиот потег доаѓа по сомнежите и стравувањата дека т.н. „развојни проекти“ на брегот на Охридското езеро и Националниот парк „Галичица“ ќе нанесат големи непоправливи штети, дотолку повеќе што езерото е дел од УНЕСКО, па сметаат неговата заштита треба да биде апсолутен приоритет во државата.

Организациите потенцираа дека „развојните проекти“ вклучуваат пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани. Потоа, уништување на природниот брег и сечење на еден од последните појаси на трска кај Лагадин заради изградба на медитеранска плажа со бетонска платформа, уништување на строго заштитените изворите кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс, уништување на 830 хектари заштитено подрачје и голем број на живеалишта во Националниот парк „Галичица”, заради изградба на магистрален пат, ски центар со голем хотел и викенд населба.

Александра Бујаровска од „Фронт 21/42“ нагласи дека во светот има само 35 подрачја кои се прогласени за природно и за културно наследство. Покрај Охрид, на листата се наоѓаат и Мачу Пикчу и Ибица, како и древниот град на Маите – Калакмул во Мексико.

„Комитетот за светско наследство при УНЕСКО во јули годинава, ја изрази својата загриженост во однос на планираните проекти. Беше истакната и можноста во 2017-та година Охридскиот регион да се најде на Листата на светско наследство во опасност. Имајќи предвид дека Охридско Езеро и НП ‘Галичица’ се дел од Емералд мрежата на Македонија (кои по влез во Еворпската Унија ќе бидат дел од НАТУРА2000 мрежата), а со планираните инфраструктурни проекти се загрозуваат над 260 строго заштитени видови со анексите на Бернската конвенција, ние денес ја инициравме оваа жалбена постапка пред Постојаниот комитет на Бернска Конвенција“, рече Бујароска.

„Развојните проекти“ на Охридското езеро и регионот

„Развојните проекти“ на Охридското езеро и регионот

Директорката на Центарот за истражување и информирање на животната средина, „Еко-свест“, Ана Чоловиќ – Лешовска објаснува дека Бернската конвенција е за заштита на диви видови и природни живеалишта. Македонија е потписник на оваа конвенција, што значи, вели таа, автоматски мора да ги почитува правилата на игра.

„Ние се уште имаме сомнежи дека Македонија не е во состојба да ги исполни барањата или начелата на Бернската конвенција доколку продолжи со инвестиции, односно проекти во заштитени подрачја како Галичица и Охридското езеро, и во претходниот случај Маврово. Тоа го образложуваме преку жалбата и го поднесуваме на Бернската конвенција, каде постои Биро и Секретаријат. Во Бирото се дискутираат овие случаи“, потенцира Чоловиќ – Лешовска.

Според неа, отворање на случајот значи дека се свртува вниманието на Советот на Европа кон овој случај, внимателно се мониторира и се даваат препораки што да се прави понатаму.

„За примерот со Маврово поднесовме жалба во март 2013 година, па дури во декември 2014 година случајот се отвори на постојаниот Комитет. Во меѓувреме, следеа комуникација и со жалителот, и со институциите во Македонија, а со цел Секретаријатот да се добие повеќе информации што се случува на терен. Во 2014 се отвори случајот за да се прати мисија на експерти за да истражат што се случува. Летото 2015 година имаше таква мисија, па врз база на изготвениот извештај истата година во декември беше донесена Резулоција за суспендирање на сите хидроелектрани во Маврово во владение на државата и препорака за подготовка на стратешка оценка за влијанието врз животната средина“, објаснува таа.

Според неа, несоодвено е да се развива масовен туризам на место со кое, како што вели, треба да се гордееме и имаме одржлив туризам. „Охрид не е наменет за масовен и елитен туризам“, вели таа.

Дополнително, Чоловиќ – Лешовска нагласува и дека Европската банка за обнова и развој е клучна и во овој случај. Имено, за Маврово беа заинтересирани за кредит за Бошков мост, а во Охрид се јавува како потенцијален инвеститор на експресниот пат.

„Проблемот со него е што завршува во Пештани. Ако планирате да го поврзете со другата страна во Албанија, зошто воопшто дискутираме за пат кој завршува на половина?! Ние тој принцип го велиме ‘сецкање на салама’. Па, Европската банка се уште размислува за кредитот, бидејќи можеби поучени од претходниот случај ќе биде повнимателна да направи анализи и да ги извади позитивните и негавитните страни во случајот. Во принцип, имаме разработено алтернативно решение на експерсниот пат, кое се вика Smart Ohrid“, рече претставничката од „Еко-свест“

Миа Лозановска од „Фронт 21/42“, пак, се осврна на кампањата „Едно е! Вредно е! Да го зачуваме нашето единствено УНЕСКО подрачје – Охридскиот регион!”. Нагласи дека јавноста мора да биде запознаена со сите овие проекти и „разорното влијание што може да го имаат врз универзалните инсклучителни вредности на Охридскиот регион“.

Како една од главните активности на кампањата се специјално дизајнирани картички каде се набројани целите на кампањата – мораториум на штетните развојни проекти на Охридското езеро и Галичица, како и целосна и доследна имплементација на Законот со светското и културно наследство во Орхидскиот регион. Картичките ги потпишуваат граѓаните на Република Македонија, а ќе бидат насочени кон новите пратеници на Собранието. Истовремено, трае и петиција за спас на езерото.

Според Бујаровска, дел од луѓето од Македонија имаат погрешна перцепција што претставува Охрид. Односно, го поимаат како викенд-место, а не ја сфаќаат вредноста не само во национално, балканско, туку и на светско ниво.

„Охрид е бисер на Балканот. Не сме свесни што може да изгубиме ако продолжиме вака… Така да, дел од целта на кампањата е да сфатат граѓаните што е Охрид, дека не е само викенд-место, каде Аца Лукас има секоја година концерт, туку дека е место на писменоста и културата. Дека е место од аспект на природа и култура има значење за светот“, рече Бујаровска.

Инаку, активистите и повеќе професори, научници и биолози досега потенцираа дека со проценетата вредност од 2 до 5 милиони години, Охридското езеро е најстарото природно езеро во светот, и едно од најстарите во светот. Истовремено, со просечна длабочина од 155 метри е најдлабоко на стариот континент, и 14-то во светски рамки. Има повеќе од 200 ендемични видови, со што исто така претставува најважниот стагнантен воден екосистем во Европа. Дополнително, Охридското езеро е и значајно подрачје на птици – 20.000 до 40.000 презимувачки водни птици. Сите овие вредности го прават Охридското езеро област на „Алијансата за нулта истребување“. Државното законодавство го штити како Споменик на природата од 1977 година.

Б.Ш.