Еко-организации: УНЕСКО препорачува да запрат спорните проекти додека не се утврди нивниот ефект врз средината

Констатирана беше одлуката на УНЕСКО од 40-та седница во Истанбул – ако надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство што претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО. УНЕСКО препорачува да се запре со спорните инфраструктурни проекти додека не се утврди конкретно нивниот кумулативен ефект врз животната средина.

Ова го соопштуваат од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, кои заедно со Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ одржаа состанок со реактивната мисија на УНЕСКО, која неколку дена вршат увид на проектите на и околу Охридско езеро.

„Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот кој го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за 8 недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не на 41 седница на УНЕСКО во јули 2017 година во Краков, Полска“, вели  Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н.

Според Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ, урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен екосистем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна.

„Додека, пак, изградбата на марина и пешачките патеки во Езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од Езерото со што ќе се уништат ендемски видови“, рече Талевски.

Организациите велат дека јавноста треба да знае дека дури и граѓаните да ги поддржуваат навистина предложените инфраструктурни проекти, тоа не значи дека локалитетот нема да се стави на Листата на загрозено наследство.

„Важно е и да се нагласи дека надлежните имаат обврска и одговорност објективно да ги прикажуваат информациите и да ја претстават точната слика на граѓаните. Во ситуација на голема иселеност, голема невработеност, овие проекти се чинат привлечни бидејќи постои тенденција штетата да не се прикажува од страна на надлежните, а придобивките да се преувеличуваат“, велат организациите.

Пред мисијата бил претставено истражување од Е.Д.Е.Н., но и алтернативата на експресниот пат – „Смарт Охрид“. Од Еко-свест сметаат дека искуството со другите проекти за изградба на патишта во Македонија зборува за низа прекршувања на еколошките стандарди и штети врз живеалиштата и заштитените видови.

Инаку, ваквите информации од еко-организациите доаѓаат откако експертите од комисијата на УНЕСКО пред два дена дипломатски рекоа дека „посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршат увид на бројните проекти“ и „тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО“.

Експертите најавија дека откако ќе заврши надзорот, ќе ги презентираат и нивните препораки, а дотогаш не можат многу да кажат за увидот.

„Не сме дојдени само за Националниот парк ’Галичица’, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП ’Галичица’. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности“, рече Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, пак, беше категорична дека „имаaт многу сработено во последниве години и не гледа воопшто зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО“.