Еко-мода на Модниот викенд во Скопје од 1 до 4 ноември

Осумнаесеттиот Моден викенд во Скопје и годинава ќе ги донесе најновите колекции на домашни и дизајнери од регионот со темата „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“. Годинава фестивалот ќе се одржува на две локации од 1 до 4 ноември.

Четиридневното модно случување ќе го отвори дизајнерката Лидија Георгиева во „F.A.M.E.’S“ и по повод 20 години од создавањето на брендот ќе ја претстави роденденската колекција „Милион милји време“.

На 2 ноември вечерта ќе започне со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk со капсулните колекции на учесниците и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Ќе следува модниот перформанс на дизајнерката Ирина Тошева со колекцијата за есен-зима 2018/2019 и несекојдневен концепт.

За првпат на Моден викенд Скопје ревија ќе има и дизајнерката Теодора Митровска со колекцијата „We Are Not Machines”. Посебно изненадување ќе биде модното шоу и креациите на Кренаре Ругова која во Скопје ќе ја донесе колекцијата за која вели дека е работена „користејќи бавна мода за да претстави нови форми на размислување однапред“.

За крајот на првата вечер ќе се претстави и колекцијата „Full of grace“ на дизајнерката Силвија Миха која оваа 2018 година заокружува два нејзини зачајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје „Алшар“.

По првиот ревијален ден, ќе се одржи журка во „Јавна соба“ со познатиот диџеј „Gramophonedzie“.

Во сабота, на 3 ноември, модна ревија ќе имаат студентите од академијата „Џолев и уметности“. Квалитетот и напредната технолошка доработка се главните императиви при креирање на секое парче накит на „SIGMA“ и на нивната најнова колекција наречена „Future now“. Веднаш потоа за прв паткај ќе се претстават моделите на „Matrons dresses“ и за крај на вечерта ревијата на Олгица Ѓоргиева и новата колекција „Bridges“ поддржана од „БИСИ“.

Есенското издание на Моден викенд Скопје 2018/2019 ќе го затворат модните парчиња на „error kolektiv“ и нивните три брендови: „Atami“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“. Потоа ревијата на Сара Реџиќ и за крај на вечерта Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“ од десет годишното творештво како моден дизајнер.