Еко-марш во Струга против уништувањето на планината Јабланица

Со цел подигнување на свеста за уништувањето на шумскиот фонд на планината Јабланица во петок (5-ти јуни), на Светскиот ден за заштита на животната средина ќе биде одржан еко-марш организиран од планинарското еколошко друштво „Закамен“ Струга.

Предвидено е маршот да започне пред средните училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ во Струга во 12 часот. Учесниците на маршот ќе упатат јасна порака до сите граѓани и институциите за важноста од зачувувањето на природното богатство на планината Јабланица и последиците од неконтролираната сеча која зазема се поголем интензитет.

Маршот ќе заврши пред зградата на општина Струга по што учесниците ќе се придружат на настанот „Да ја зачуваме планината Јабланица“ кој ќе се одржува на чаршискиот мост во Струга. На овој настан ќе биде поставен информативен штанд од ПЕД „Закамен“ каде сите заинтересирани можат да се информираат за потребата за заштита на планината Јабланица и нејзиниот биодиверзитет.

„Ги повикуваме сите совесни граѓани да земат учество во овој марш за заеднички да придонесеме во борбата против пустошењето на шумите на планината Јабланица“, посочуваат од  планинарското еколошко друштво.