Еко-кино вечерва во Градски парк – велосипеди ќе произведуваат струја додека трае филмот

Ева, Ангела и Бисера се три млади волонтерки во „Гоу Грин“ кои денеска ги пречекуваа минувачите во Градски парк за да ги поканат да остават своја порака за поддршка на борбата против климатските промени.

Тоа може да го направат во текот на целиот ден на инсталација од 4 метри кубни, што всушност претставува 125 килограми јаглерод диоксид. Оваа количина е еднаква на  јаглеродниот диоксид испуштен при две недели возење автомобил низ град, или пак, шест месеци комунален отпад што едно домаќинство во просек го произведува.

Ева Стојчевска е свесна дека судбината останува во рацете на младите и според неа тие се најважните во борбата со климатските промени. Пораката што таа ја остави на инсталацијата гласи „Нема да купувам пластични кеси“. Објаснувањето што ни го даде е дека за неа кесите не се неопходно во секојдневието. Многу полесно е да користи платнени торби и ранец при пазарење.

Според неа, образованието на населението е едно од клучните чекори за подобрување на генералната слика со отпадот, но како што забележа, формалното образование не им овозможува на младите соодветна едукација за климатските промени.

„Идеалното решение за формалното образование би било да се воведе посебен предмет што би бил само за климатските промени и кој би кажувал кои се тие последици што ние ги чувствуваме од климатските промени и што е тоа што ќе следува доколку не го промениме нашиот начин на живот. Меѓутоа, тоа не се случува моментално и ние не го добиваме од нашето формално основно и средно образование“, посочи Стојчевска.

Сепак, таа е надежна и вели дека постојано споделува информации со нејзините родители кои претходно не ги знаеле за климатските промени.

„Од мојата перспектива веќе се подига свеста. Се’ повеќе луѓето со кои сум опкружена се свесни за проблемот и повеќе се заинтересирани што да направат и како да направат. Дури и луѓе кои не се од невладиниот сектор и луѓе кои не работат на еколошки теми, ме прашуваат што се случува. Кога ќе им ги кажам бројките се плашат и велат ‘добро, дајте да направиме нешто’“, забележа Стојчевска.

По неа, своја порака остави и Ангела Зимбакова која пак се осврна на проблемот со селектирањето отпад.

„Генерално, во моментов не го селектираме правилно отпадот, со неколку исклучоци кои тоа навистина го прават. Пред се’, треба да се има свест тоа да го правиме од мали нозе, од самите себе да тргнеме и понатаму тоа да го шириме. Реално, не е толку тешко да се започне целиот процес, повеќе е навика и тоа е добра навика што треба секој да ја има. Верувам дека понатаму ќе има подобрување“, смета младата волонтерка.

Уметницата Ирина Цоневска Атанаскова додека го подготвува нејзиниот цртеж на инсталацијата

За неа би било полесно доколку во градот има повеќе канти за селектирање отпад, но и некој што ќе надгледува дали се селектира правилно.

Нејзината врсничка Бисера Батаклиева, пак, напиша дека ќе носи торби на пазар, бидејќи како што посочи, таму има можност да се купуваат зеленчук и овошје без да бидат потребни кеси.

„Многу често луѓето мислат дека тоа е невозможно, особено во Македонија, но не е така“, одлучно вели младата волонтерка.

Таа оди дури чекор понапред, па последниве две години станала вегетаријанка со обид да стане и веганка, за да ја намали својата исхрана со месо и млечни производи, кои се врзуваат со причините за климатските промени.

Во однос на новата забрана за пластични кеси, Батаклиева смета дека е убава идеја, но потребно според неа е да се размислува и за другите последователни проблеми.

„Многу од луѓето тие кеси кои ги земаат од супермаркетите потоа ги користат како кеси за ѓубре. Наеднаш тие кеси нема да ги земат. Добро, ќе носат торби. Но, потоа ѓубрето каде ќе го носат? Кесите можеби се тргнати, но ние сепак произведуваме премногу пластика со самото тоа што ние одиме и купуваме храна како сирење, јогурт… што и да е. Се’ е обвиткано во пластика. Многу мал дел од сето тоа е во хартија која може да се компостира. Настрана од тоа, немаме доволно компостари. Имаме само една компостара во Аеродром, ни фали подобра организација за тоа“, вели Батаклиева.

Покрај инсталацијата, во паркот се поставени и пет држачи на кои може да се постават велосипеди и да се произведува чиста струја за вечерашната проекција на документарниот филм „A Planet on Our Earth“ со почеток во 19:30 часот. Но, според организаторите потребно е учесниците да дојдат еден час порано.

„Сите од публиката ќе имаат шанса да се качат на велосипедот, да пробаат да произведат сами струја, да видат всушност колку е тешко и напорно да се генерира мало количество на струја. Оттука ќе кажам дека го потценуваме она што го имаме дома и во домаќинствата. Таа пристапност до струја. Мора да размислуваме и на штедење на електричната струја бидејќи во Македонија особено таа доаѓа од јаглен, а тоа е доста голема причина за загадување и испуштање на јаглеродни емисии“, истакна Мила Јовановска од „Гоу грин“.

Во меѓувреме, секој минувач во текот на денот може да намине во Градски парк и да се потпише на инсталацијата во знак на поддршка за намалување на својот јаглероден отпечаток.

Е.П.