Еко камп: Млади екологисти ја истражуваат планината Голак

Младите екологисти четири дена ја истражуваа планината Голак, во рамките на проектот на невладината организација „ОХО“ која и годинава го спроведува проектот „Еколошка едукација за зачувување на природата во брегалничкиот регион“.

По Маврово и Пониква, од 11 до 14 јуни еко-кампот беше поставен и на планината Голак, каде што учествуваа 25 седмоодделенци и нивните ментори од Штип, Пробиштип, Кочани и од Делчево. Еко -кампот беше награда за нивната креативност во изработката на еко-игри од рециклиран и веќе употребуван материјал, пренесе Нова Македонија.

Еко камп: Млади екологисти ја истражуваа планината Голак
Преку дружење, забава, едукација и многу интересни игри учесниците учеа за значењето на шумите, природните реткости и флората и фауната на Голак воопшто, со посебен акцент на биодиверзитетот.

„Ми се допаѓа еко-кампот. Се дружиме, запознаваме нови пријатели, се едуцираме и се забавуваме. Поделени сме во две групи и постојано работиме за да бидеме што подобри. Едната група е тимот на зелените, кој се вика еко-генијалци и јас сум негов капитен, а другиот е тимот на белите и се вика еко-ројал“, вели Лилијана Стоилова, ученичка од ОУ „Раде Кратовче“ од Кочани.

Од невладината организација „ОХО“, која го организира проектот, во иднина најавуваат продлабочување и проширување на активностите.

„Планираме повеќе активности во текот на учебната година, за да можат да се вклучат повеќе ученици и наставници. Идни активности ќе бидат правење хербариуми, дневници за природата и ботанички градини. Планираме и размена на ученици, за тие да се запознаат со растителните видови од различни краеви во Македонија“, вели Никола Нешкоски, координатор на проектот за Нова Македонија.

Сите оние кои се дел од еко-кампот, мора да ги почитуваат следните пет правила за однесување во природа:

1. На планина кога одиме од групата не се двоиме.

2. Меѓусебно си помагаме и поддржуваме и работите полесно ги извршуваме.

3. Другарчињата наши ги почитуваме и на добри работи ги подучуваме.

4. Отпадокот го собираме во кеса и правиме за рециклирање смеса.

5. Сите сме вити и здрави, јадеме овошје и зеленчук и сме екологисти прави.