Еко Герила: СЈО да истражи и во општина Тетово

Движењето Еко Герила ќе побара од Специјалното jавно oбвинителство, да постапи исто со Општина Тетово како во случајот на Општина Битола, односно да ги истражи можните случаи на финансиска корупција поврзани со злоупотреба од страна на предходното раководство, во врска со изградбата на водоводот, транспортот на учениците од средни училишта или други злоупотреби кои можеби ги знае сегашното раководство.

„На 31 мај 2013 година, градоначалничката на Тетово Теута Арифи, изјави дека општина Тетово ја има затекнато со 8 милиона евра долг, но до сега се нема произнесено за каков долг се работи. Оттука, јавноста не е информирана дали е поднесена некоја кривича пријава против сторителите.

Ние како граѓани се уште ја чекаме ветената транспаретност од страна на градоначалничката од 31 мај 2013 година. Бараме и го охрабруваме раководството на општината да го објави Финансискиот извештај за последните 6 години, со што го следела примерот на другите општини каде истите се објавуваат. Со ова се овозможува даночните обврзници да знаат каде се трошат и користат нивните пари. Дополнително, општината има законска обврска да ги објави овие документи, а до сега на веб страната на општината не сме виделе ниту еден финансиски извештај.

Бараме кривична одговорност и конфискација на имотот на оние што извршиле вакви дела и истите средства да им се вратат на општината“, се вели во соопштението на Еко Герила.