„Еко герила“ бара увид во програмата за спречување на загадувањето од „Југохром“

Движењето Еко герила од Тетово ја поздравува веста за евентуално поставување филтри на „Југохром“ и бара запознавање со програмата која треба да се имплементира за да се спречи натамошно загадување во Тетово и пошироко и мерење на количините на суспендираните честички ПМ 2,5.

„Имајќи предвид дека до сега „Југохром“ и Министерството за животна средина го прекршија законот поврзан за транспарентно информирање на граѓаните и нивно вклучување во процесот на донесување одлуки во врска со заштита на животната средина. Бараме, врз основа на Законот за животна средина, поточно член 51 и 52 од овој закон за информирање на граѓаните и заради јавен интерес , да се запознаеме од поблиску со програмата која треба да се имплементира за да се спречи натамошно загадување и труење на воздухот, почвата и водата во Тетово и пошироко“, наведуваат во соопштението од Еко герила.

„Еко герила“ бараат и во Тетово, како во Скопје да се мерат покрај количините на ПM10 и на ПM2,5 и посериозно ангажирање на Инспекторатот за животна средина за мерење на загадувањето и поставување на филтрите.