Еко-друштвото „Вила Зора“ доби награда за човекови права од Француската амбасада

Наградата за човекови права на Амбасадата на Франција оваа година ја доби еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, кое од 1999 година спроведува активности за вклучување на граѓаните и нивно запознавање со последиците по здравјето од загаденоста на почвата во Велес.

Секоја година, по повод Меѓународниот ден на Човековите права, Амбасадата на Франција во Скопје доделува Награда за човекови права воспоставена во 2013 година.

„Наградата за човекови права на Амбасадата на Франција за 2015 година ќе му припадне на македонско здружение, кое развило или ќе развие, во Македонија, активност или повеќе значајни активности за унапредување на правото на здрава животна средина пред одговорните претставници на локално или на државно ниво. Човекот го има основното право на слобода, еднаквост и соодветни услови за живот, во квалитетна животна средина која овозможува достоинствен живот и благосостојба. Тој има света должност да ја штити и унапредува животната средина за сегашните и идните генерации“, се вели во соопштението

„Вила Зора“ врши обуки, предавања во училиштата и разговори со соодветни експерти од областа на здравјето и екологијата на конкретни теми во врска со заштитата на животната средина. Еколошкото друштво исто така. работи на промовирање на одржливиот развој, со цел да се подобри квалитетот на условите за живот.

Наградата ќе биде официјално врачена на нивниот претседател, Ненад Коциќ, утре, на денот на годишнината од Универзалната декларација за правата на човекот и граѓанинот усвоена од земјите-членки на Обединетите Нации.