Еко-активисти упаднаа на изведба на „Клетници“ во Лондон

Пет лица се уапсени, откако активисти од групата „Just stop oil“ (Ставете крај на горивото“ прекинаа лондонска театарска изведба на делото „Клетници“.

На видеото споделено од активистичката група се гледа како активистите  се качуваат на сцената и ја повикуваат публиката „да се придружи на движењето“.

Активистичката група „Just stop oil“ е позната по упади на настани, а последен од серијата беше нивниот упад на Вимблдон.

Активистите се качиле на сцената за време на изведбата на песната „Дали слушаш како пеат луѓето?“ од „Клетници“ на Виктор Иго, песна која е позната како револуционерен повик за акција.

Дел од демонстрантите ширум светот, како на пример на протестите во Хонг Конг, ја користат песната како химна.

Во своја објава на „Икс“ од активистичката група велат дека четири нивни члена останале на бината во лондонскиот театар.

Претставник на театарот за локалните медиуми изјавил дека по упадот, претставата не била продолжена.

„Додека и самите сме свесни за важноста на слободата на говорот, мора да се почитува и правото на публиката да ужива на настан за кој што платила“, додал тој.

Претставничка од активистичката група вели дека претставата е избрана намерно.

„’Клетници’ е дело кое зборува за револуција, каде обични луѓе се организирале против власта која константно не покажувала интерес за нивната добросостојба“, изјавила 22-годишната студентка.

Таа го критикувала британскиот премиер Риши Сунак за дозволување на „стотици дозволи за гас и гориво“, и покрај тоа што е свесен за последиците врз климата и општеството.