Екипата на „Медена земја“ ќе добие 50 000 евра награда од Владата

Тимот на „Медена земја“ ќе добие парична награда од 3 милиони денари (50 000 евра), одлучи Владата на вчерашната седница.

„Нашите Медени, вчера го освоија најважниот Оскар – за човечност, едноставност, свесност за животната средина и големо срце. Ги освоивте нашите срца и срцата на милиони луѓе низ целиот свет и со еден симболичен гест сакаме да се заблагодариме – затоа вечерва донесовме одлука на владината седница за парична награда од 3 милиони денари за екипата Медени“, напиша синоќа министерката за финансии Нина Ангеловска на нејзината Фејсбук страница.

Документарниот филм беше номиниран во две категории – за „Најдобар документарен филм“ и за „Најдобар странски филм“. Иако не освои ниту еден од Оскарите, „Медена земја“ доби многубројните позитивни филмски и новинарски критики.

Документарецот го следи животот на Атиџе, последната пчеларка на диви пчели во Европа, која треба да ги спаси пчелите и да го врати природниот баланс во Медената земја, откако фамилија на номадски пчелари се населуваат блиску до неа и стануваат закана за околината.