Ејми Вајнхаус ќе добие споменик во Белград во сеќавање на нејзиниот последен концерт

Градот Белград ќе објави меѓународен конкурс за идејно решение за споменик посветен на пејачката Ејми Вајнхаус, најави заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

На својата официјална страница на Фејсбук, Весиќ потсети дека британската уметница го одржа својот последен концерт пред десет години, на 18 јуни 2011 година, на тврдината Калемегдан.

„Се надевам дека следната година, ова време, Белград ќе има модерна скулптура на местото каде што Ејми го одржа својот последен концерт“, напиша Весиќ.

По хаотичниот настап во Белград во јуни 2011 година, пејачката ја откажа европската турнеја. Подоцна на 23 јули таа беше пронајдена мртва во нејзиниот стан во Лондон.

Ејми Вајнхаус ја освои публиката, но и музичките критичари ширум светот, со својот автентичен изглед, карактеристичен глас и неверојатен талент. Светската слава Вајнхаус ја стекна со албумот „Back To Black“ издаден во 2006 година, со кој освои пет Греми.