ЕГЗИТ ќе слави две децении во 2021, објавени дел од изведувачите

Обележувањето на две децении постоење на двократниот европски фестивалски шампион и најголем фестивал во регионов, поради пандемијата е поместено за следното лето, но организаторите веќе го најавива датумот и дел од изведувачите.

Од 8 до 11 јули 2021 на Петроварадинската тврдина во Нови Сад ќе пристигнат повеќе светски ѕвезди. Листата ја предводи влијателниот светски музички продуцент и диџеј Дејвид Гета, неговиот сограѓанин и конкурент за титулата водечки планетарен хитмејкер Диџеј Снејк, двократниот лидер на „Билбордовата“ листа на синглови и еден од најголемите рапери на денешницата Тајга, суперѕвездата на новата генерација и миленик на публиката во регионов Борис Брејча. Посебна ексклузива е зачувана за затворањето на Денс Арената кога специјално за оваа прилика ќе настапи со години наназад најбараниот диџеј Ерик Приц во специјалното бек-ту-бек издание со култните „Фоур Тет“ .

На јубилејниот ЕГЗИТ (EXIT) пристигнуваат и инди-хероите „Метрономи“, добитникот на „Греми“ награда за животно дело и живата икона на панкот Марки Рамон, легендите на метал музиката „Сепултура“, одличните Денис Султа, Дакс Џеј и Кобосил, хард-рок дамите „Тандермадер“ како и дел од водечките регионални изведувачи како што се Лајбах, Гоблини, Марко Настиќ, Масимо, Афтер Афер, Илија Ѓоковиќ, Кристијан Молнар, Инсолејт, Лаг и многу други.

Организаторите во петок ќе ги пуштат во продажба билетите за 2021, а сите досега купени влезници за 2020 ќе важат и за фестивалското издание во 2021 година при што за сите купувачи кои ќе ги задржат влезниците ќе има посебни изненадувања, меѓу кои се и можности за доживотни влезници за ЕГЗИТ Фестивалот.