ЕЕСТЕК Академија – можност за бесплатни студентски курсеви за личен развој

Студентската организација ЕЕСТЕК ЛК Скопје од 15 ноември почнува со реализирање на серија бесплатни курсеви кои ќе бидат достапни за ограничен број на студенти на УКИМ.

ЕЕСТЕК Академија - можност за бесплатни студентски курсеви за личен развој

Серијата од различни модули под името ЕЕСТЕК Академија ќе почнат да се реализираат на техничкиот кампус на УКИМ. Предавањата на секој од овие курсеви ќе бидат на атрактивни теми, а нивната реализација ќе ја вршат гостински предавачи. Идејата за реализација на овој проект е на студентите да им се понуди моќно комплементарно образование надвор од академската програма, а  со цел тие да ги прошират своите видици и да постигнат лично надградување и развој.

Темите кои ќе бидат обработени со првата ЕЕСТЕК Акедемија ќе овозможат учесниците да се стекнат со знаења на теми кои не се опфатени со образовниот систем. Академијата вклучува вкупно 5 посебни модули од кои 2 во текот на овој семестар, а останатите 3 ќе се реализираат од почетокот на летниот семестар.

Првите два модули ќе бидат на темите Brain New Product (Бихевиорална економија) и Развој на мобилни апликации, додека во наредните модули ќе има предавања за меки вештини; графика, анимација и дизајн; гејмификација; Мајкрософт технологии, роботика и електроника; дигитални медиуми и маркетинг; гејминг.  За секој од овие модули ќе има посебно пријавување и селекцијата за учество.

Пријавувањето за првиот модул Brain New Product (Бихевиорална економија) е во тек, а предавањата ќе траат од 15 ноември до 6 декември на Технолошкиот кампус во Скопје. Во серијата предавања и работилници ќе гостуваат психолози, невролози, математичари и бихевиорални економисти членови на консултантското друштво BrainHack Group кои во рамките на EESTEC Academy ќе ги презентираат бесплатно последните концепти во бихевиоралната економија.

„Овој курс ќе ви помогне да ги сносите правилните одлуки, да дизајнирате производи и продукти кои ќе бидат во склоп со психологијата на вашите корисници. Ќе слушнете што е неуромаркетинг, ќе добиете цел сет на алатки со кои што ќе експериментирате и ќе имате можност да практично се уверите во нивната моќ“, се наведува во појаснувањето за курсот.

Основоположник на оваа наука е Даниел Канеман и според неговата книга “Thinking Fast and Slow”, а бројот на местата е ограничен. Заимтересираните треба да испратат апликација на овој линк – http://bit.ly/ApplyModule1 , а може да аплицираат сами или во тим до 5 луѓе. Работилниците се замислени како своевиден натпревар меѓу 7 тимови од 5 учесници.