„Младите во политиката и ЕУ интегративните процеси” е името на панел дискусијата која вчера се оддржа по иницијатива на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид. Целта на настанот беше да се соберат сите политички подмладоци во државата на едно место и да се одрржи здрав дијалог помеѓу нив и европратеникот Едвард Кукан.
„ Ни требаа 4 години за да ги убедиме големите политички сили да седнат на маса и да разговараат. За жал, без успех. Тоа всушност ја одразува и плитичката култура на оваа држава. Само разговорот со противникот е добар знак за иднината на вашата земја. Потребно е да се слушате еден со друг,” изјави Кукан.
Според него, парламентот треба да работи отворено и јавно и ништо не треба да се одвива зад затворени врати. Партиите треба да зборуваат меѓу себе за да постигнат компромис. Политичарите се таму за да им служат на луѓето, а не обратно, потенцира пратеникот.
„Младите меѓу 15 и 21 година се најсилниот дел од општеството кои се соочуват со невработеноста и проблемите во образовниот систем. Добро е што се занимавате со политика бидејќи таму ви е местото!Колку е побунтовна младината, толку се повеќе се откриваат проблемите. А кога се откриваат, само тогаш можат и да се решат.” истакна европратеникот кој ги охрабри младите да не се задоволуваат со моменталната ситуација што ја гледаат во општеството , туку да бидат револуционери.
Според Кукан, младите треба да чујат што имаат да кажат постарите, но не и да ги послушат, туку да бидат критички настроени кон се бидејќи нивна во иднина ќе биде одговорноста при водењето на оваа земја.
Инаку, Едвард Кукан е член на Европскиот парламент, претставник на ОН за Балканот, а воедно и член на Комитеот за човекови права на ЕУ, но е и основач на организацијата „Пријатели за МК“ која има за цел да го забрза влезот на земјава во унијата.
Данче Азманова