Едукативно видео за потребата од редовно правење ПАП тест кај жените

Иако Владата на РМ секоја година усвојува Програма за рана детекција на малигни заболувања во која влегува и скринингот за карцином на грлото на матката, останува мал бројот на жени опфатени со оваа превентивна програма, покажува истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Мониторингот на Програмата спроведен од ЕСЕ покажал дека постојат недостатоци во координацијата помеѓу институциите, во водењето на соодветна здравствена евиденција и статистика, а како проблем се посочува и тоа што самата програмата за скрининг е предмет на чести измени (најмалку два пати годишно) со што се губи континуитет во спроведување на планираните активности. Недоволните финансиски средства за програмата за скрининг, малиот број на гинеколози и патолози-цитолози кои ги читаат ПАП тестовите, но и слабата координација на институциите во делот на поканување на жените за правење редовен ПАП тест, се само дел од проблемите кои ги посочуваат од ЕСЕ.

Осврнувајќи се на маргинализираните групи, како жените од ромската заедница, ЕСЕ во соработка со Радио МОФ направи едукативно видео за потребата од редовно правење ПАП тест за рано откривање на карциномот на грлото на матката.