„Едукативна меморија“ е мултимедијална и интерактивна уметничка инсталација која е составена од фотографии, видео проекции, звук и рачно изработена хартија. Таа ќе биде претставена во петок (19 ноември) во Мобилна / Монтажна галерија во Паркот на франкофонија, со почеток во 18 часот, а ќе биде достапна да се види до сабота, 18 часот.
„Едукативна меморија“ е дел од проектот Green Canvas преку кој сакаме да ја етаблираме одржливоста како принцип на дејствување за користење на ресурсите, во кој треба да се гарантира трајно задоволување на потребите со зачувување на природниот регенеративен капацитет на вклучените системи (особено на човечките и еколошките системи). Одржливоста вклучува преземање акција во моментот за да се овозможи иднина каде што животната средина и условите за живеење се заштитени и подобрени“, стои во најавата на настанот.
Преку игри и информативни видеа, организаторите сакаат да покажат каков придонес имаат и колку се важни секојдневните навики на секој поединец за оддржување и зачувување на животната средина.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на Р С.Македонија.
Реализацијата на настанот ќе се одвива со почитување на сите мерки и протоколи предвидени за заштита од Ковид-19.