По повод Светскиот ден на детето, 20 ноември, тимот од колективниот портал ЕДУИНО го организира креативниот предизвик ЕДУИНО Игратон.
Од 22 до 28 ноември годинава, во предизвикот може да учествуваат сите деца од 3 до 10 годишна возраст во домашни услови со родителите/старателите, во градинките со воспитувачите и во училиштата со наставниците.
„Дополнителен мотив е и лотаријата за среќните учесници!“, информираат од ЕДУИНО.
„ЕДУИНО ИГРАТОН е предизвик инспириран од желбата да поттикнеме учење преку игра и да ве запознаеме со некои од нашите омилени активности од отворената библиотека со едукативни активности на платформата ЕДУИНО ран детски развој. Оваа платформа се фокусира на социо-емоционалниот развој на децата од 3 до 10 години и е дел од колективниот портал ЕДУИНО, во реализација на СмартАп – Лабораторија за социјални иновации“, вели Милена Игњатова, проектен менаџер на ЕДУИНО.
За учество не е потребна претходна пријава, треба само да се пополни формуларот со поднесување на вашата реализација на активноста преку фотографија и/или видео од изработката на играта и јавна објава на социјалните мрежи (Фејсбук/Инстаграм). Деталните насоки за учество, листата на активности и предизвици, како и формуларот за пријава можете да го погледнете на следниот ЛИНК.
„Одбраните активности за предизвикот не поттикнуваат компетитивност поради тоа што секој процес на изработка од страна на децата и поддршката од возрасните е подеднакво вреднуван. Како дополнителна мотивација, за креираните изработки на предизвикот, ќе има симболични подароци за најсреќните учесници кои ќе бидат извлечени на лотаријата која ќе се одржи на 30-ти ноември. Овие подароци се иницијатори на нашата желба и понатаму да го поттикнеме учењето преку игра како и да ги мотивираме нашите учесници да реализираат што повеќе активности“, вели Соња Чаловска, координатор на ЕДУИНО-игратонот.
Колективниот портал ЕДУИНО е отворена библиотека на дигитални едукативни материјали на видеолекции, ресурси, игри и едукативни активности за поддршка на воспитно-образовниот процес.
Библиотеката на платформата ЕДУИНО Ран детски развој содржи активности наменети за учење и игра, кои се креирани од страна на голем број посветени едукатори ширум државата. Игровните активности даваат можност за забавно поминато време во домашни услови, креирање на еден поразличен час во училиште или збогатување на игровните активности во градинките.
ЕДУИНО е проект на Бирото за развој на образованието (БРО) и е поддржан од Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), УНИЦЕФ и Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата во Скопје.