На југот од Македонија, во селото Фурка кое за жал, брои сè помалку детски чекори, денеска учебната година започна само за едно прваче – малата Антонија. Таа е единственото новозапишано детенце во подрачното училиште „Кочо Рацин“ во ова населено место. За неа, 1 септември значеше почеток на училишниот пат, но и сознание дека таа е буквално единствена во својата генерација, пишува агенцијата Мета.
Во малите рурални места во земјава во кои животот полека но сигурно замира, веќе е сосема нормално поради малиот број на ученици наставата да се следи комбинирано, во заеднички класови кои вклучуваат деца од прво до петто одделение. Така и Антонија ќе следи настава заедно со нејзините седум повозрасни другарчиња од четврто одделение. Останатите три дечиња го сочинуваат класот од второ и трето одделение. Вкупно се 11 деца.
14 првачиња во цела општина
Дечињата од нејзината комбинирана паралелка денеска ја пречекаа Антонија со приредба и песнички а таа, иако малку срамежливо, им се придружи.
„Ако се сака работата, не е тешко да се води комбинирана паралелка. Очекувам Антонија добро да се вклопи со нејзините поголеми другарчиња. Таа е комуникативна, посетуваше градинка, малку е срамежлива, но верувам дека брзо ќе се вклопи во средината“, вели учителката Анатомија Минчева.

Во малата училишна зграда во Фурка, освен Минчева, има уште една наставничка, Снежана Карајанова која ја води втората паралелка каде учат три дечиња од второ и трето одделение. Во објектот има две училници и посебен кабинет за часовите по информатика. Часовите по физичко главно се реализираат во училишниот двор, во кој има лулашки и детски реквизити.
Мирослав Бошнаков, директорот на ООУ „Кочо Рацин“, чиј централен објект се наоѓа во Дојран, вели дека тенденцијата на намалување на бројот на првачиња е постојана, но дека оваа година, таа е најдрастична до сега.
„Годинава запишавме само 14 првачиња на ниво на целата општина Дојран. Претходната година беа 24, а пред тоа 30 – 34 деца. Но годинава намалувањето е навистина големо. Ако земеме во просек, бројката на ученици по паралелка е 10-11 ученици. Тоа, за жал, е последица на намалениот наталитет и на иселувањето од овие краишта“, вели Бошнаков. Тој додава дека изведувањето на наставата во комбинирани паралелки уште повеќе им ја усложнува работата на наставниците, но тие се веќе искусни и знаат како да се справат со предизвикот.
Без деца нема живот
Демографите во Македонија постојано предупредуваат дека Владата мора итно да преземе чекори за запирање на иселувањето на младите доколку сака да се спречи селата па и помалите гратчиња во овој дел од државата целосно да се испразнат.
Процесот е одамна започнат, а секоја година бројките стануваат сè поалармантни.
„Селата полека ја губат својата иднина. Без деца нема заедница, нема училишта, нема живот. Доколку државата не изготви сеопфатна стратегија за развој на руралните средини, ќе дојдеме до точка на која многу населени места ќе останат само географски имиња на картата“, предупредува Дончо Герасимовски, демограф и поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Во пресрет на локалните избори следниот месец, експертите ја посочуваат потребата од поттикнување на младите семејства да останат во селата преку конкретни економски олеснувања, отворање работни места, субвенции за млади брачни парови, како и подобрување на основната инфраструктура, патишта, здравствени и образовни услуги. Инаку, Фурка е населено место кое иако се наоѓа на рид, инфраструктурно е добро поврзано со поголемите градови во регионот, се наоѓа на 12 минути до Дојран и на 25 минути од Гевгелија, а патот до селото е асфалтиран.
Во период од 10 години, бројот на ученици во основните и во средните училишта во земјава е намален за 27.000 или 10 проценти според истражувањето на Центарот за граѓански комуникаци. Намалувањето на бројот на ученици е посебно изразен во средното образование, каде што во период од една декада, бројот на ученици е намален дури за 20 отсто, односно за 17.000 ученици. Во основното образование, пак, намалувањето изнесува 5 отсто, односно 10.000 ученици.
Пред да си заминеме од Фурка, се поздравивме со малата Антонија и останатите дечиња во училитето со надеж дека можеби топлината на наставничката и поддршката од поголемите деца ќе придонесе за подобар квалитет на нејзиното образование.