Една недела подоцна – се најде решение за прецртаната велосипедска патека

Со асфалтирање на просторот зад автобуската постојка, надлежните во Скопје го решија проблемот со велосипедската патека поставена на самата постојка.

Шегите веќе отидоа на сметка на градските власти, откако очигледниот проблем претходно беше замаскиран со ставање асфалт на местата каде беше обележана патеката.

Фото: Велосипедист Скопје

За да не се случуваат вакви трагикомични ситуации, од иницијативата „На точак“ побараа точно да се лоцираат местата каде се греши.

„Како не им текнува автобуска постојка да постават сред коловоз? Како им текнува да направат пешачка патека на која не можат да се разминат ни двајца, а не им текнува да направат помалку или потесни ленти за автомобили? Како им текнува да направат ниша за автобусот за да не успоруваат автомобилите, но не им текнува дека потребни се комотни услови за тие што чекаат автобус? Сфаќате ли дека тоа е всушност разликата, зошто во Скопје се возат доминантно автомобили? Зашто за автомобили се почитуваат сите стандарди и се тежнее кон максималните, а за пешачење и возење велосипед, за користење јавен превоз – ни минималните“, реагираа од иницијативата.