Една година пандемија – 9 млади раскажуваат како ја минаа годината во карантин

Една година пандемија, една година потреба од социјализација, другарства, слободно живеење. Прашавме неколку млади што мислат за пандемијата, колку и како се промениле во текот на целата година и кои нови навики се најкарактеристични за нив:

Луна Битољану, средношколка

Искрено, колку бевме „наивни“ сите! Мислевме дека не е ништо страшно и се радувавме што нема школо, немавме никаква претстава што значи навистина пандемијата. Сега во март 2021, само жалам што губам од средношколското искуство (екскурзија, матура, најголеми во цело школо, бегање од часови, кафиња, дружби…) Кога станува збор за школо, имам намалена концентрација и умор, но надвор од школо имам многу нови навики и сум продуктивна за работи што ме прават среќна. Сè зависи од тоа како ја сфаќаш „короната“.

Пробувам да не се фокусирам на фактот дека сум затворена дома и лимитирана со искачања затоа што немам никакво влијае колку и да вложувам напор во тоа. Наместо дома да ми е тешко во карантин, повеќе од 50 дена играв „јамб“ со мајка ми и си разговараме. Исто така, се слушавме со татко ми 24/7 за да не се почувствуваме двајцата дека сме во различни држави и за да ни биде полесно.

Стефан Митиќ, студент

Пред една година, една од најчестите мисли што ми се вртеа во главата денот кога ни соопштија дека училиштата се затвораат беше дека сум добил дополнителен распуст од 2 недели и дека треба максимално да го искористам. Сакав да прочитам две-три книги, сакав да ги префрлам тие стотици фотографии што со месеци ми стојат во апаратот и сакав да се посветам на тоа да останам физички активен. Воопшто не знаев што значи „пандемија“. Да, сум гледал филмови на таа тема, меѓутоа мислев дека државите се затвораат од претпазливост, не од опасност која е во неверојатна близина. Денеска, кога ќе почнам да се потсетувам дека моето средно образование немаше официјална завршница и дека полека последната година од мојот тинејџерски живот заминува монотоно, се сепнувам затоа што сфаќам дека ниеден остварен или неостварен настан не може да замени човечки живот.

Годината ми помина во комбинација на зближување со моето семејство преку мали моменти како пиење кафе или гледање филм, пронаоѓање на нови навики и начини на занимација и умор од постојаната изложеност на екрани и наплив од лажни информации. Најкарактеристично за мене е што успеав да ја задржам продуктивноста. Под продуктивност не мислам само на конвенционалното завршување на обврски, туку и на грижа за себе, „полнење на батерии“ преку излет во природа или слушање музика и одржување виртуелна комуникација со пријатели. Ми се зголеми интересот за програмирање, веројатно под влијание на фактот дека најголем дел од професиите се префрлија онлајн. Најмногу ме зачуди дека товарот неизвесноста и безнадежноста што се ширеа со секоја нова вест кај нас и во светот се одби од мене и психички го издржав притисокот.

На 1 јануари оваа година си ветив дека ќе најдам нешто за кое ќе бидам благодарен секој ден, колку и да е досаден, непредвидлив или тежок, и стојам зад ветувањето. Нешто што ми го олесни справувањето со кризата е слушањето подкасти на најразлична тема: наука, технологија, медицина, политика, уметност и слично, затоа што сакам да учам од искуства на различни луѓе и епизодите ми даваат надеж дека човештвото не застанало, туку дека продолжува напред и усовршува аспекти од модерното живеење. Има одлични подкасти на Google Podcast и Spotify. Ги препорачувам сите подкасти на The New York Times и Vox.

Леон Шумански, средношколец

Прво нешто на кое помислувам кога ќе ми кажат „11 март 2020“ е среќа. Кој нема да е среќен кога ќе му кажат дека 2 недели нема школо?! До денес пандемијата нè бутна и преврти, ментално и физички. Периодично ми се менуваат расположенијата, една недела сум препродуктивен и во глава правам триста креации, филмови, филозофии, ама неделата после сум најдосадниот човек во светот, не правам муабет и само спијам.

Секогаш гледам на светлата страна, затоа што сè што се случува се случува за најдоброто, останете здрави и насмеани и еден ден пак ќе се гушкаме!!! Повеќе пикници, прошетки во природа, квалитетно јадење и убаво кафенце, денсање на музика и вадење на креативноста од глава на лист – тоа ќе ни помогне, константна активност и истражување, секогаш има нешто што не сме виделе и чека на нас!!! ИЗЛЕЗЕТЕ ЛУЃЕ, со маска секако :).

Јована Трајковска,средношколка

Првиот пат кога дојдовме во ,,судир” со корона вирусот сите изреагиравме параноично, изенандено и со некоја доза на страв со оглед на тоа што прв пат се соочивме со пандемија. Првите денови, не гледав сериозно на случајот, бидејќи очекував да заврши за брзо време, but little did we know, еве сме се уште заглавени во пандемијата. Денес искрено на пандемијата, не гледам со толку страв, бидејќи ми е смачено од новата нормала. Се навикнав наместо од дома да излегувам со клуч и телефон, да излегувам со маска и средство за дезинфекција. Само се надевам дека побрзо ќе се освестиме и ќе си помогнеме самите на себе, почитувајќи ги мерките.

Целата пандемија и карантинот на мене влијаеше позитивино од причина што имав многу долг период да си се посветам самата себе, доволно слободно време за да ги истражам своите нови интереси и да си пронајдам нови мотивации. Но, исто така, монотонијата од ,,седење дома”, полициски час и слично, имаше и голема улога, влијаејќи ми на расположението. Имав денови кога ќе се разбудев и ќе почнев да плачам бидејќи не можев да си ги видам најблиските, бидејќи не можев да излезам и да јадам тоа што сакам бидејќи ја изгубив довербата во сите ресторани и хигиената која ја одржуваат, генерално на се гледав со сомнеж. Животот ми беше фокусиран на инстаграм и нетфликс и дефинитивно се изморив од социјалните мрежи. Пред сè, би предложила психолошки разговор за сите. Да им се објасни ситуацијата и самите да разберат дека НИЕ и исклучливо САМО НИЕ можеме да си помогнеме за да се спасиме од оваа ситуација. А потоа заедно да ги сумираме одговорите и да направиме мерки по кои би се придржувале за да си помогнеме на самите себе.

Марија Узуновска,средношколка

Првата мисла која ми дојде кога чув дека ќе бидеме дома 2 недели ми беше: „Еј, конечно малку одмор и пауза. Таман ќе имам време да доучам математика и хемија за да поправам оценки“. Имам измешани чувствува кога станува збор за пандемијата од денешен аспект. Едноставно сакам да прекине, луѓето да си го вратат своето нормално секојдневие и ние младите малку да си ги изживееме нашите последни безгрижни години. Апсолутно ми е смачено и преку глава да бидам пред екран околу 10 часа на ден поради училиште и комуникација со другари/ки. Воедно и концентрацијата ми е нестабилна и насекаде во исто време, не можам да се фокусирам на една задача бидејќи опсегот на внимание ми трае 1 минута, правејќи секојдневно обврски напорни.

Скроз случајно, 2 дека пред да прогласат пандемија решив да водам дневник и што сега ми овозможува да се навраќам на верзијата од мене од предходната година во деталност. Исто така, јогата ми помага за стабилноста и сигурноста во моето тело, додека медитацијата го прави тоа за мојот мозок. Истовремено, овие активности многу помагаат за намалување на стресот и анксиозноста, кои се доста присутни кај нас за време на пандемијата.

Ева Карамановска,средношколка

Една година без социјален живот, година без прегратки, без кафе во училишното бифе пред часови, без танцување со друштво во клубови до раните часови… една година борба со силен, невидлив непријател. Започнав да живеам живот кој никогаш ни не помислував дека ќе го живеам. Би лажела ако кажам дека ми се допаѓа. Да, првите месеци карантин влијаеа добро на моето самоспознавање и личен развој, меѓутоа ништо ама баш ништо не би можело да го замени животот кој јас, а и сите ние го имавме пред пандемијата.

Ми фалат прегратките, ми фали да одам на концерти, ми фали да не живеам во страв дека нешто ќе им се случи на луѓето кои ги сакам, ми фали она “нормалното живеење“. Оваа година драстично влијаеше на мене. Да си затворен сам во една соба, без да можеш да излезеш, а да го имаш целото време на светов, ти наметнува да започнеш разговори со самиот себе. Во тие мои духовни борби, научив многу за себе, за тоа која сум всушност јас, што е тоа што треба и сакам да го правам. Секако имаше и сеуште има и сини денови, меѓутоа се обидувам да останам позитивна. Би рекла дека концентрацијата ми е драстично намалена, што лично ми претставува и проблем при учењето, но не се откажувам, си давам повеќе паузи, функционирам по системот на награда-казна. Безнадежноста, секако дека се јавува во комбинација со стравот… помислата дека средношколските години ги поминувам дома, пред екран ме прави тажна и анксиозна. Сепак имам неколку пријатели со кои се гледаме и тие ми се како ѕвезда водилка со оваа борба.

На почетокот на пандемијата започнав да се занимавам со цртање и фотографирање со помошта на еден мој драг другар. Имав некаква занимација, па и не ми беше толку лошо. Паралелно со ова започнав и да готвам егзотични јадења за мене и моето семејство, дури си имавме направено и план кој е шеф на кујната за секој ден од неделата. Се обидувавме да го одржиме духот на семејството и да не мислиме на пандемијата. Откако беа отворени спортските сали, веднаш се вратив на танцувањето кое ќе го одвојам како мојата најголема мотивација и најголема помош во текот на пандемијата. Дури и ден денес, кога ќе ме нападне безнадежноста и депресијата се сеќавам дека за неколку часа ќе можам да танцувам, да се изгубам и повторно да се пронајдам, што навистина ме прави најсреќна. Барем тие неколку часа кога танцувам заборавам на се, уживам во звукот на мирот и правам нешто добро за моето психофизичко здравје.

Андреј Чочоски, средношколец

Гледајќи дека на 11 март 2021 имавме тест математика кој што требаше да го правиме,бев прилично среќен искрено,ми беше потребен тој одмор,си мислев нема да трае нешто многу,кога дознав дека ќе биде две недели бев среќен навистина,но како поминуваше времето увидов дека не е сè баш розово и се повеќе ми фалеше стандардното секојдневие.

Денес, на 11 март година подоцна, моите размислувања се сосем поинакви,сега некако дури и сакам да сум на училиште,сепак најлесната година е четвра,сакам да ја поминам со класот во живо а не секој ден седејќи пред лаптоп. Карантинот и целата таа ситуација нè смени прилично сите и најверојатно на подобро,така што можам да кажам и да ја опишам состојбата во која се наоѓам,со зголемена концентрација,внатрешен мир,продуктивност и нови навики.

Би кажал рутината,наоѓање на рутина која одговара перфектно со вашето секојдневие,рутина што и да не ви е денот малце ќе ве разведри,друго би било начинот на размислување и поглед на нештата,без сомнеж и првенствено грижа за себеси,секако мора да се каже и останување во добар контакт со луѓето кои вредат и фокус на себеси и иднината.

Анастасија Саздовска, средношколка

Кога ќе се навратам назад пред една година, имав надеж. Надеж дека непознатото набргу ќе се осознае и сè ќе се стиши. Но, истовремено чувствував страв кој постојано поттикнуваше нови загрижувачи прашања. Бев во бесознание и бев испаничена, но ни најмалку не очекував дека вирусот ќе ми направи ваков пресврт во животот. Сега на 11 март 2021 моето гледиште околу пандемијата, новата реалност а и јас како човек е многу променето. Иако беше една од најтешките години што ги имам преживеано, мило ми е што беше година полна со предизвици и себе-осознавање кое ми помогна полесно да се вклопам во ова “чудно” секојдневие, кое нè загрози како генерација.

Пополека заборавивме да комуницираме со тоа што ни е скратен нашиот социјален живот, најубавите години ни се слеваат во ужас, и сите планови наеднаш ни пропаднаа во вода. Ми фалат настани, концерти, изложби и прилики да се гужвам околу луѓе, нормална училишна настава, почесто а и без страв да ги гледам баба ми и дедо ми, да не морам да носам маска, да не пазам кого да прегрнам и едноставно да сум слободна. Но бидејќи тоа не е можно туку така, најбитно е да се освестиме за важноста и последиците, пред да продолжиме да живееме. Така што од она што го изгубив научив повеќе да го почитувам она што сé уште го имам. Затоа и мислам дека успеав да се изборам повторно да живеам во некоја друга своја поубава реалност, во која се помирив со сè, и во кое проаѓам квалитетно време со себе посветувајќи се на нешто креативно, и планирајќи си ја иднината и работите што би ги направила во првата прилика штом можам. Во вакво “ненормално” време во се гледам да најдам некаков баланс за да ме задржи во нормала.

Кајл Лапуант, патувач на минување низ Скопје

Првиот пат кога короната почна да влијае на мојот живот беше во пуста ноќ на границата меѓу Непал и Индија, во февруари 2020 година. Обезбедувањето не ми дозволуваше да влезам во Индија во тој момент, инсистирајќи да се вратам наутро, за да може да ме прегледа доктор за дали имам симптоми од вирус. Сето тоа ми се чинеше чудно – никогаш не сум поминал низ нешто такво. Еден месец подоцна, пристигнав во Израел каде што подлегнав на заострувањето на ограничувањата. Внимателно ги следев вестите, иако тоа не беше потребно бидејќи се дискусираше само за Ковид-19.Прво ги затворија баровите, потоа базените и театрите, потоа ми беше одземена Визата за одење во Турција. Имаше глас дека владата ги следи телефоните и сметките на социјалните мрежи на луѓето. Моето патување стана ограничено, а во Израел прпат го искусив „карантинот“. Беше извесно време пред да ја напуштам земјата, поттикнат од непотребен оптимизам кон природата.

Кога патувате, учите да се прилагодувате на авантуристички ситуации, колку и да е чудно. „Сигурно дека ова нема да трае повеќе од еден месец или два“, си помислив. И, кога конечно се разделив со Израел, ме интервјуираа голем број портали и весници за моето искуство како турист запрен во една земја, со затворени хотели и хостели, без средства за патување. Дури и за време на моите интервјуа, тогаш, животописот на ситуацијата сè уште не ме погоди. И, кога се вратив во Канада, во карантин, одделен од моето семејство што не го видов две години, необично сè уште не бев загрижен. Се чинеше многу попродуктивно да се фокусирам на работите што можам да ги контролирам и да го сметам секој момент како лична можност за развој. Времето го поминував во пишување, возење велосипед и фокусирање на сопствената физичка и ментална благосостојба.

Мојата перспектива сега премногу се промени. Многу од моите пријатели се заклучени повеќе од една година назад во Канада и од она што го слушнав, можам само да замислам дека гледале како поминува една година покрај нив. Ситуацијата не им е во корист – на менталното здравје на луѓето и е особено тешка за децата. Штом земјите почнаа да се отвораат за патувања, ја напуштив Канада. Од волонтирање во хостел во Албанија, до режирање на краток филм за ментално здравје за време на пандемијата, се обидував да се прилагодам на овој нов начин на живеење. Без оглед на ограничувањата, јас имам тенденција да ги прифаќам како предизвици за да ги надминам и да се подобрам себеси. Оваа ситуација ги принуди луѓето да го преиспитаат она што го сметаат за важно, од слобода до здравјето на нашите најблиски и верувам дека ќе им служи на многумина како повик за будење.

Ана Илиева, средношколка