Една година од првиот регистриран случај со Ковид-19 – над 55 милиони луѓе заразени во светот досега

Пред една година беше регистриран првиот пациент заразен со коронавирусот, односно, со вирусот се зарази 55-годишен маж од кинеската провинција Хубеи. Оттогаш, бројот на заразени лица во светот надмина 55 милиони, а повеќе од 1.300.000 луѓе починаа од последиците предизвикани од вирусот.

Коронавирусот е присутен веќе една година, а кога беше регистриран првиот пациент, никој не се сомневаше дека вирусот ќе опстане толку долго, а камоли дека од него ќе умрат толку многу луѓе. Нултиот пациент, како што пишува „China Morning Post“ е регистриран на 17 ноември 2019 година.

Тоа претставува период од повеќе од еден месец пред лекарите да го дијагностицираат вирусот во Вухан. Научниците се сомневаат дека Ковид-19 се пренел од лилјак на друго животно што подоцна било конзумирано од човек, па на тој начин вирусот почнал да се шири меѓу луѓето.

Експертите тврдат дека од 17 ноември претходната година, секојдневно биле пријавувани по неколку случаи, додека на 15 декември 2019 година, тој број се искачил на 27 лица. Бројките потоа почнаа вртоглаво да растат, а заразата ја премина кинеската граница. Иако за година дена од вирусот оздравеле повеќе од 38 милиони луѓе, тој не стивнува, а кулминацијата се чини дека допрва доаѓа.

Денеска, најнаселената земја во светот, од каде започна се, бележи неколку случаи на ден, додека во САД има 150.000 новозаразени, а некои европски земји бележат над 40.000 нови случаи. За споредба, од почетокот на пандемијата, во Кина се заразени нешто повеќе од 86.000 луѓе, додека 4.634 починале. Во моментов, најмногу заразени со вирусот има во САД, Индија, Бразил, Франција и Русија.

Од почетокот на пандемијата пак, во земјава се дијагностицирани 47.636 заразени со Ковид-19. Починале 1.345 лица, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 18.488 лица.