Единствената снимка од Луис Армстронг во студио пронајдена во складиште

Куќата на Луис Армстронг, музеј во Њујорк отворен во честна големиот џез музичар, во сопственост ја доби единствената снимка од него во студио додека снима албум. Снимката била неодамна најдена во складиште.

На видеото кое трае 33 минути, Армстронг го снима својот албум Satchmo Plays King Oliver од 1959 година, во Лос Анџелес во студиото Fidelity. Продуцентот на плочата, Сид Фреј, сакал филмот да биде професионално снимен, но не направил ништо со снимката ниту пак кажал некому за неа.

„Снимката ги поминала изминатите шест децении во рацете на приватни сопственици, или заклучена во складиште. Ни најпосветените истражувачи на Армстронг не знаеле дека постои“, вели Мајкл Когсвел, извршен директор на музејот.

Ќерката на Фреј, Аманда Бејс, која му помогнала на музејот да ја добие снимката, вели дека дознала за нејзиното постоење преку дискусија за компанијата на татко ѝ.

Фреј бил познат во индустријата како Мистер Стерео, бидејќи бил првиот кој објавил стерео снимка во продажба. Починал во 1968 година, по што сите снимки, албуми и лични семејни предмети кои ги поседувал биле сместени во складиште.

„Луѓето секогаш ме прашуваа каде се плочите. Се приклучив на една онлајн дискусија за Audio Fidelity и некој рече дека се кај него. Излезе дека е човек кој откупува предмети оставени во напуштени складишта“, вели Бејс за Guardian.

„Да се улови Луис во моментот кога снима е уникатно и добредојдено откритие кое го зајакнува она што го знаеме за неговата уметност и е бесценето. Покажува дека бил лидер во вистинскиот музички смисол на тој збор“, вели Ден Моргенстерн, поранешен долгогодишен директор на Институтот за џез студии на Универзитетот Ратгерс.

Музејот на Луис Армстронг се наоѓа во Корона, Квинс, во скромна зграда каде Сачмо живеел 28 години и починал во 1971. Дом е на најголемата архивска колекција со музика од еден само џез уметник на светот.