Единаесеттото издание на фестивалот АКТО годинава во четири градови

Единаесеттото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, оваа година под мотото Pop Up, или искрснување, ќе се одржи во четири градови низ Македонија.  Од 12 до 14 август ќе биде во Битола, а потоа со нови содржини продолжува во Скопје во септември, Штип во октомври и Тетово во ноември.

Покрај секојдневната музичка програма, сижејната на линија на 11 издание на АКТО ќе биде политичката моќ на колективите, а оваа тема ќе се отвори од повеќе аспекти преку дискусии со уметници и членови на независни иницијативи од балканот.

Тридневната програма во Битола ќе се одвива во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката фрижидери, како и во кафе барот „Јагода“.   Во рамки на програмата ќе има музички настапи, конференции, изложби, претстави и работилници.

Во музичкиот дел од програмата ќе настапат бендовите  Дисциплина Кичме, Фолтин, Ти, диџејот Џимпстер од Англија, како и многу локални бендови и диџеи од битолската сцена.

Во театарскиот дел помеѓу другото ќе може да се погледнат претставите „Битката на Неретва“ (Хрватска) на Борис Бакал, како и претставата „Кампакам“ (Словенија) на Владо Репник.

Фестивалот вклучува конференција поделена во три панели на кои ќе се дебатира на темите поврзани со правата и условите на културните работници и слободните уметници, одговорностите на уметниците во општество во политичка криза.

На фестивалот ќе се одржи и  конференцијата ENGAGE на организацијата МОФ, еден од партнерите на Поп ап АКТО. На програмата се и изложбата на фотографии од повеќе автори, изложбата „Колективна одлука”, и изложбата „Микрозаедниците и нивната (не)моќ – собирање на пораки од граѓани на повеќе локации низ Битола” поврзана со истоимената активност со која и започнува фестивалот, во облик на тура со камион низ Битола.

Поп ап АКТО е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.