ЕДЕН: Заразата со птичји грип во Мороишта – потенцијална закана за луѓето

Во село Мороишта, струшко, е констатирана зараза со птичји грип, сој A(Х5Н8) и досега се уништени најмалку 3.000 единки живина, реагира Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“.

Наспроти информациите што кружат во јавноста дека тој вид грип не е воопшто опасен по здравјето на човекот, велат од ЕДЕН, Светската здравствена организација има поинакви препораки, кои сметаат дека треба да допрат до што поголем број на граѓани.

„Ја известуваме јавноста дека според извештајот на полската канцеларија на Светската здравствена организација од ноември 2016 г. ‘ризикот од пренесување на сојот A(Х5Н8) од птица на човек е релативно низок врз основа на информации кои се на располагање до сега. Меѓутоа, иако досега не се регистрирани човечки случаи на заболени од високопатогениот птичји грип A(Х5Н8), многу е важно ситуацијата будно да се следи. Постојат ретки документирани случаи на пренесување на инфекцијата со сличен тип на птичји грип на човек во минатото и не може да се исклучи веројатноста од заразување на човекот со истиот овој вирус’“, соопштуваат од „ЕДЕН“.

Со оглед на тоа што препораките на Светската здравствена организација се по секоја цена да се избегнува контакт со заразените птици и нивните јајца, од „ЕДЕН“ сметаат дека веганството (односно комплетното избегнување на производи од животинско потекло) е наједноставниот начин за превенирање на вакви и слични ситуации во иднина.

„Здравствениот и економскиот аспект на овој голем проблем во случајов се во многу тесна врска. И одгледувачите на земјоделски култури претрпуваат загуби во некои години, но тие штети се единствено со финансиски последици (кои најчесто се надоместливи). Од друга страна, финансиската загуба кај одгледувачите на животни при појава на заразна болест не останува само на тоа, туку претставува и огромна опасност по здравјето на луѓето. Пред само неколку години бевме сведоци на ужасната пандемија предизвикана од свински грип, како и на страшните статистики – стапка на смртност од над 50% кај луѓето заразени со птичји грип, сој А(Х1Н1). Избегнувањето производи од животинско потекло не само што е побезбедно за секој од нас поединечно, туку и глобално, целата планета има придобивки од нашиот избор“, стои во соопштението на „ЕДЕН“.