ЕДЕН: Постои начин за хумано и темелно справување со бездомните кучиња

По повод Светскиот ден на бездомните животни, Здружението за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ објави отворено писмо, во кое апелира до локалните самоуправи да изнајдат начин за трајно и хумано справување со бездомните кучиња, истовремено велејќи дека ваква стратегија граѓанскиот сектор има веќе изработено. Нивната реакција ја пренесуваме во целост.
По повод Светскиот ден на бездомните животни, ја информираме јавноста дека здруженијата за заштита на животни веќе со години точно го лоцираат коренот на проблемот и вперуваат прст кон децениската неажурност и неисполнителност на институциите, т.е. локалните самоуправи.
Веќе со години постои и стратегија за хумано, трајно и темелно справување со бездомните кучиња изработена од граѓанскиот сектор. Во земја со површина колку Македонија, проблемот е трајно решлив за 6 месеци до 1 година. За жал, нема никакви напори од страна на надлежните за негово решавање. Со години се вртиме во круг и сè почесто сме сведоци на немили настани. Иако општина Куманово, заедно со Скопје, Штип, Гевгелија и уште неколку се општини во кои најбрутално се убиваат бездомни животни и тоа со години – проблемот уште постои и ќе постои сè додека се прават половични обиди за негово решавање и додека на бездомните животни се гледа како на проблем кој се создал сам од себе, а не кој го создал човекот.
Бездомни животни со години се убиваат, се трујат, а резултати нема. Би сакале како соодветен пример да ја посочиме Индија каде што беснилото во земјата беснеело повеќе од 100 години, а за целото тоа време агресивно се убивале кучиња, дури по 50.000 единки годишно, но проблемот опстојувал, а бил решен дури откако надлежните престанале со убивањето и почнале со агресивна стерилизација/кастрација и вакцинација.
Граѓаните мора да разберат дека според врвни научни истражувања агресијата кај животните се намалува за дури 95% откако ќе се стерилизираат/кастрираат, а со вакцинирање им се одржува здравствениот статус и не се извор на зарази за човекот. Труењето на бездомните животни не само што е кривично дело, туку е и огромна опасност за човекот, особено за децата. Кога само од едно душкање куче од 30 кг може да угине за неколку минути без можност за спас, што останува за помалите дечиња? Стерилизирани/кастрирани и вакцинирани животни не се опасност за граѓаните. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои решаваат дека е грев да се стерилизира животното, ама не е грев да се фрлат малечките во контејнер. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои расфрлаат отрови и со тоа ги загадуваат и почвата и водите, а претставуваат и непосредна смртна закана за малите деца кои си играат во парковите. Опасност за граѓаните се нивни несовесни сограѓани кои поставуваат стапици од жица во грмушките каде што си играат мали деца. Ако дете се фати во таква стапица, последиците ќе бидат трагични зашто колку повеќе детето ќе прета, толку повеќе жицата ќе му се стега околу вратот. Замислете само каков може да биде исходот кај детенце само оставено да си игра надвор?
Во последниов период сме сведоци на зачестени труења на територијата на целата земја. Истото важи и за убивањето на животните со стапици од жица. Активностите не само сега туку веќе со години се случуваат истовремено во повеќе општини, што наведува на мислење дека се работи за институционална координирана активност.
Бездомните животни се комплексен проблем за чиешто решавање е потребно да се исполнат повеќе услови истовремено:
– стерилизација/кастрација на повеќето бездомни
– задолжително чипирање на животните со сопственици
– стимулирање кастрација/стерилизација за животни со сопственици
– задолжителни даноци за сопственици што одбиваат да стерилизираат/кастрираат
– даноци за одгледувачници
– едукација на јавност
Бездомните животни со години се убиваат и се трујат и немаме никакво решение на проблемот. Нели е време да се смени тактиката?
По повод денешниот ден би сакале да апелираме да се вдомат следниве три бездомни животинки: Негра, Миа и Заза и да најавиме дека првите тројца што ќе нè контактираат на eden.org.mk@gmail.com ќе добијат бесплатна стерилизација или кастрација за бездомното животно што ќе го вдомат од која било организација или активист.
Оној што е хуман кон животните е хуман и кон луѓето. Вистинската хуманост не знае за дискриминација.
Со почит,
Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“