Еден час во мрак за спас на Планетата Земја – Македонија дел од глобалната акција

Македонија вечерва, осма година по ред, се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција – „Часот на планетата Земја“. Во 20:30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак ќе потонат над 178 земји и 7000 града ширум светот.

Како акцијата ќе патува низ часовните зони, така милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја.

„Можеби исклучувањето на светилките во вашиот дом нема да направи голема разлика локално, но замислете го ефектот кога милиони луѓе ширум светот, во сабота во 20:30 часот ќе ги исклучат светилките, испраќајки порака дека на планетата и е потребна акција за спасување веднаш и сега. Тоа е моќта која индивидуалецот ја има за да направи промена.“ – вели Ѓорѓи Селков, организатор на акцијата во Македонија.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат Плоштад Македонија со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Во Охрид, ќе се изгаснат светлата на Црквата Свети Јован Канео и Самуиловата тврдина.

Поддршка за акцијата најавија и Македонски Телеком, кои ќе ги исклучат светлата на административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје која ќе ги исклучи мелниците за цемент во својата фабрика.

Под мотото „Заблескај светлина на климатските промени“, глобалната кампања се фокусира на сериозноста на проблемот поврзан со забрзаното менување на климата, но и ја промовира идејата дека луѓето имаат моќ обединети да направат промена.