ЕДЕН бара одговорност за производите со тешки метали

Организацијата „ЕДЕН“ од неколку институции бара целосна листа на сите производи (и нивните производители) кои содржат тешки метали и други супстанци во недозволено висока концентрација, кои беа утврдени во Извештајот за здравје на населението на Република Македонија за 2017 година.

Исто така, ги бараат Решенијата со кои се дозволил увоз на сите производи со недозволено висока концентрација на тешки метали, но и Одобренијата за пуштање во промет на сите вакви домашни производи „збогатени“ со метали.

„Истовремено, бараме од инспекциските служби, секоја во својот домен, врз основа на горенаведените документи да ги утврдат законските прекршувања кај сите вклучени во процесите на издавање на одобренијата и решенијата за увоз и пуштање во промет на производите со недозволено висока концентрација на тешки метали и да отпочнат соодветни постапки за утврдување одговорност“, соопштува „ЕДЕН“.

Потенцираат дека во извештајот стои дека високи концентрации на тешки метали се измерени кај 19 мостри, седум од увозни производи (0,2 отсто) и тоа од групата жито, брашно, а од домашно производство и промет биле детектирани тешки метали кај 12 (1,17 отсто) мостри.

Во Институтот за јавно здравје во однос на контаминацијата со тешки метали, анализирани се вкупно 1.757 мостри, 1.065 од увоз и 692 од домашно производство и промет.

„Од вкупниот број испитани примероци кај 15 мостри (0,85 отсто) е најдена зголемена концентрација на тешки метали. Мостри со зголемена содржина на тешки метали се 13 мостри диететски производ заради зголемена содржина на олово и една мостра пченица заради зголемена содржина на олово“, велат од организацијата.

Потенцираат дека производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти е казниво според Кривичниот законик на РМ.

„Граѓаните на МК имаат уставно право на заштита на нивно здравје. Оттаму произлегува задолжителната обврска тие да бидат информирани точно кои се производите со недозволено висока концентрација на тешки метали, воедно и за да го остварат своето право да отпочнат индивидуални постапки за утврдување кривична одговорност кај виновниците. Секое здружение може да изрази поддршка во наредните 24 часа, а потоа ќе го поднесеме документот“, стои во соопштението на „ЕДЕН“.

Инаку, барањето е наменето за Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, но и до Санитарниот, Управниот и Пазарниот државен инспекторат.