ЕЦПР: Владата ќе исплати оштета за смрт на Ром во затвор, вакви случаи да не се туркаат под тепих

Владата на Република Македонија се согласи да исплати отштета во износ од 9.000 евра на семејството на еден Ром кој почина во затвор, во сомнителни околности. Исплатата е дел од вонсудската спогодба која беше објавена денес и со која се става крај на предметот против Македонија кој се водеше пред Европскиот суд за човекови права уште од 2014 година, соопштуваат од Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР).

Од таму потенцираат дека вонсудската спогодба претставува доказ за трендот на слични смртни случаи на Роми, второто најголемо и најобесправено малцинство во земјата.

Претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ, вели дека се задоволни што Владата се согласила да исплати оштета во еден случај, но нема да дозволат смртните случаи меѓу Ромите, како што е овој, да се туркаат под килим.

„Само оваа година, уште тројца припадници на нашата заедница умреле во македонските затвори и тоа во невообичаени околности кои вклучувале медицинско лекување. Нивните семејства храбро одбиваат да ги прифатат слабите објаснувања на властите и бараат правда. Ние ќе ги поддржиме и ќе откриеме дали постои тренд на убиства на Роми поради негрижа во македонските затвори“, изјавил Јовановиќ, пренесува ЕЦПР.

Од ЕЦПР потсетуваат дека на 30 јули 2010 година, 19-годишниот Ром кој во јавноста беше идентификуван како Р.А. почна да ја отслужува тримесечната затворска казна во Гевгелија, град на југот на Македонија. Како корисник на дроги, Р.А. добивал метадонска терапија по влегувањето во затвор и за тоа му беше препишана дневна доза.

„Тој беше сместен сам во соба со шест кревети. Метадонот требало да се чува под клуч и надвор од неговиот дофат. Утрото на 1 август 2010 година, помалку од 48 часа по отпочнувањето на казната, тој бил однесен во болница; додека да стигне во болницата, веќе паднал во кома и имал модринки на главата. Обдукцијата заклучила дека умрел од воспаление на белите дробови, влошено поради високото ниво на метадон и барбитурати кои го потиснале неговото дишење, што довело до откажување на органите. Нивото на метадон во неговата крв било седум пати повисоко од она што требало да биде. Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) ги поддржа обидите на семејството да добие правда преку кривичниот систем во Македонија. Но, кривичните пријави и граѓанската постапка што ја покрена семејство не водеа никаде. Како резултат на тоа, во 2014 година семејството, со помош на ЕЦПР поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права“, стои во соопштението од ЕЦПР.

Постапките за вонсудска спогодба во Европскиот суд се доверливи, па затоа, велат тие, и самата спогодба не можеше да се објави до денес.

„Согласноста на Владата да исплати оштета става крај на овој случај, но шемата на слични смртни случаи на Роми во македонските затвори само што почнува да се појавува. На 11 март 2017 година, Андриас Реџепов, 21-годишен Ром починал во затворот во Скопје, главниот град на Македонија. Неговото семејство било известено дека тој умрел од комбинација на метадон и дијазепам, но не им бил доставен извештајот од обдукцијата, иако постојат докази дека бил подложен на сериозно полициско насилство во периодот пред неговата смрт.  На 22 март, Ердал Јусинов, 25-годишен Ром кој е татко на две деца, починал во затворот во Штип. Постојат наводи дека тој бил малтретиран од страна на затворските чувари и докторите и дека не добивал доволно храна. Исто така, тој примал лекарства кој му ги дал затворскиот доктор во времето кога умрел.  Последниот случај е од 2 јуни, кога 45-годишна Ромка од Струмица била најдена мртва во скопскиот затвор „Идризово“. Семејството на починатата Ромка тврди дека нејзината смрт е резултат на тортурата и тепањето на кое била подложена од страна на затворските чувари, како и на последователниот несоодветен третман од затворските доктори. Затворската управа ги негира сите наводи на семејството, аргументирајќи дека жената имала сериозни лични здравствени проблеми“, велат од ЕЦПР.

Додаваат дека ги поддржуваат трите семејства на лицата кои умреле во затвор оваа година во обидите да дојдат до правда преку кривични и граѓански постапки.