Еболата низ очите на 13-годишно девојче од Сиера Леоне

Додека смртоносниот вирусот не покажува ниту знак дека неговиот пустошен марш ќе заврши, Бинту Санох го опишува неговото катастрофално влијание врз нејзината заедница.

„Ебола не е пријатен збор за мене. Всушност, мразам дури и да го слушам тој збор. Го уништи моето семејство и образование. Животот е тежок, но во ред е: живеам со тетка ми и многу други членови на семејството во голема заедница. Отсекогаш сме биле сиромашни, но имаше среќа. Но сега сме преплашени. Премногу луѓе, пријатели и роднини починаа и уште умираат. А бројот на сирачиња се зголемува секојдневно.

Kenema residents

Кога еболата пристигна во мојата земја, не бевме премногу загрижени. Тогаш започна „сензацијата“ – сите граѓански здруженија и невладини организации трчаа наоколу зборувајќи за еболата. Но многумина одбија да веруваат во опасноста и дури и се обидоа да прават политика од тоа. Имаше бунт во Кенема, а насекаде беше испишано „Еболата не е вистинска“. Некои велеа дека владата не се грижи за еболата, бидејќи владата е од северот, а вирусот е на исток (домот на опозициската партија). Други велеа дека е измислена, бидејќи докторите ја сакаат нашата крв. Имаше толку многу приказни, па никој не ја сфати еболата сериозно.

Потоа, на почетокот на месец август, ситуацијата се промени. Владата ги забрани сите движења во и надвор од областите Кенема и Каилахун. Ова го повреди секого, не само оние кои беа заразени од ебола, бидејќи сé беше во застој. Бевме заробени – и сé уште сме. Мојата тетка, која одеше на пазар да купува добра за малку пари и ги препродаваше, веќе не може да патува. Имавме сé помалку пари дома, како и секој друг освен богатите луѓе за кои тетка ми велеше дека се збогатиле поради високите цени кои ни ги наметнуваа.

Работите уште повеќе се влошија кога еболата влезе во нашата заедница. Имаше еден фармацевт кој се разболел, но велеше дека страда од септички чир, па воопшто не појде на доктор. Му верувавме бидејќи се занимаваше со медицина, или можеби затоа што не сакавме да веруваме во другото. Многу луѓе беа во контакт со него додека боледуваше. Кога почина, неговото тело беше измиено и подготвено за погреб од луѓето во нашата заедница, како што налагаат обичаите.

Но кога неговата смрт беше пријавена во болница, се откри дека починал од ебола. После околу две недели, неколкумина кои биле во контакт со него и оние кои го миеја неговото тело почнаа да се чувствуваат лошо. Од страв, началникот се јави на брза помош и одведоа тројца во болницата. Звуците на амбулантните сирени нé плашеа, особено нас децата, и паника ја зафати целата околина. Луѓето веруваат дека кој и да оди на доктор ќе умре, а често се случуваше и веќе да не ги видиме.

Потоа шестнаесетмина, вклучувајќи ја и мојата драга тетка, се разболеа и на тестот за ебола се покажа дека се заразени. Од сите тие, само Мари, 14-годишно девојче кое живее со нас, и тетка ми преживеаја. Да не ја имав оваа милост, и јас ќе бев сираче-жртва на еболата. Претпоставувам дека сум среќна, но тешко е така да се чувствувам.

За помалку од две недели, 17 луѓе починаа во своите домови, а други 9 беа однесени во болница. Потоа гледавме доктори кои од страв беа целосно облечени во пластични униформи. Влегуваа во нашите домови, ги изнесуваа нашите душеци и кревети и ги палеја, и прскаа некакви спрејови во собите. Ги гледав со солзи во очите додека го правеа истото во секоја куќа во која некој починал од вирусот. Глетката беше премногу страшна, и сите липавме.

Нашата заедница беше во карантин, одделена од остатокот од градот. Ни беше кажано дека никој не смее да излезе или влезе во следниот 21 ден. Бевме обиколени од полицијата и војската. Беше страшно бидејќи никој не можеше да купи нешто надвор од „изолацијата“, ниту пак некој доаѓаше ваму нешто да продава. Луѓето кои се обидуваа да се прикрадат, бидејќи беа очајни за храна, беа принудени од чуварите да се вратат.

Иако тетка ми беше пуштена од болница, беше премногу слаба да оди да бара храна за семејството, па затоа навистина страдавме од глад. Никој не ни купуваше храна или вода во првите две недели од изолацијата. Третата недела хуманитарна група донесе булгур (мешавина од различни житни растенија), грав и масло.

Сепак, ние одбивавме да јадеме од булгурот, бидејќи предизвикува брз метаболизам, а ако имаш „брзи црева“ во изолациона зона секако ќе кажат дека имаш ебола и ќе те одведат во болница. Затоа купивме гари (брашно од житарици) за цели три недели, бидејќи тоа беше сé што мојата сиромашна тетка можеше да си дозволи – чини само 500 леони (11 денари) за чаша која може да нахрани тројца за еден оброк.

Дури и сега, со сето ова што сé случува околу нас, има проблем во едуцирањето на луѓето за еболата. Само што се сретнав со двајца мои пријатели кои ми кажаа дека чичко им е болен, и дека се грижат за него дома. Тоа никако не смеат да го прават ако тој е болен од ебола.

Повеќе од 100 деца останаа сираци само во мојата заедница. Кој ќе се грижи за нив сега? Како ќе преживеат, како ќе се вратат на училиште? Секогаш ме заробува страв кога гледам како моите другари не си ги мијат рацете со хлорирана вода додека си играме.

Кога размислувам за иднината си мислам: Како пак јас да се вратам на училиште? Од каде ќе најде тетка ми пари да си дозволи да нé школува? Тешко е да зависиш од другите. Сакаме да зависиме само од самите себеси, како што нé учеа од дома. Бидејќи поради болеста на тетка ми и потешкотиите во трговијата ги изедовме сите пари кои ги имаше заработено. Страдаме. Ако еболата не нé убие, можеби тешкотиите и гладот ќе нé докрајчат ако никој не ни помогне пред Божиќ.

Три од моите другарки веќе се бремени, а и на мене ми се создава притисок да одам по мажи за да можам да преживеам и да си купам фустан за Божиќ. Тоа го прават девојките во Сиера Леоне кога нема пари. Не е правилно, но нормално е. Ако еболата не престане да се шири наскоро, уште многу девојки ќе останат бремени пред училиштата повторно да се отворат, а тоа ќе биде многу лошо бидејќи во иднина ќе има уште повеќе незгрижени деца во земјава.

Сега би требало да сум на училиште, но училиштата се затворени на неопределено време. Загрижена сум бидејќи додека да ги отворат пак, ќе има многумина кои се откажале од образование поради сиромаштија и бременост.

Секако, оние кои се заразија од ебола и нивните семејства страдаат најмногу. Тие се испровоцирани и стигмата ги држи загрижени и изолирани, без никаква помош. Немаат храна и дури и имотот кој го имаа им е изгорен до пепел и не е заменет со друг. Но СЕКОЈ во Сиера Леоне страда поради многу други нешта. Нема работа, нема пари, нема храна, нема училиште. Кој ќе нé спаси од оваа неволја?“

Извор: Guardian/ Превод: Стефанија Тенекеџиева