Ѕвездите од забавната индустрија ги повикаа светските лидери да се ангажираат за родова еднаквост во светот

Со реченицата „Сиромаштијата е сексистичка“ стотици славни личности ги повикаа светските лидери да преземат итни мерки против светската родова нееднаквост.

Опра Винфри и Мерил Стрип се меѓу 140-те звучни имиња од забавната индустрија кои се потписници на отвореното писмо, во акција предводена од меѓународната хуманитарна организација „ONE“.

Тие бараат ангажираност од политичарите во овозможување секое девојче да добие образование, а лидерите да ја искористат нивната моќ да обезбедат „историски промени за жените“.

„За 130 милиони девојчиња без образование. За една милијарда жени без пристап до банкарска сметка. За 39.000 девојчиња кои денес станаа деца-невести. За жените насекаде кои се платени помалку од мажите за истата работа. Никаде во светот за жените нема исти можности како за мажите, но родовиот јаз се проширува за жените кои живеат во сиромаштија. Сиромаштијата е сексистичка. И ние нема да бидеме мирни додека најсиромашните жени се заборавени“, стои во писмото.

Според извештај на Светскиот економски форум, со сегашното темпо, ќе бидат потребни 100 години за надминување на јазот на нееднаквоста меѓу мажите и жените.

Организаторите на кампањата се надеваат дека граѓаните го поддржат отвореното писмо достапно на интернет-страницата на „ONE“, кое досега има околу 140 илјади потписници.