ДЗС: Жените во Македонија живеат 3.9 години подолго од мажите

Најчесто женско име е Марија. Жените во Македонија се одлучуваат да раѓаат по едно или по две деца, а живеат во просек 77.4 години или 3.9 години повеќе од мажите.

Ова се податоци за женската популација во Македонија кои ги објави Државниот завод за статистика, по повод 8 март – Меѓународниот ден на жената.

Според процената на населението (податоци од 30 јуни 2015) во Република Македонија 49,9 отсто од населението се жени.

Во 2015 година бројот на дипломирани жени е 57.1 отсто од вкупниот број на дипломирани студенти, а жени магистри на науки има 1.290 или 58.6 отсто од магистрите во земјава. Истата година имало 282.078 вработени жени. Oд нив 76,3 проценти биле вработени во компании во приватна сопственост.

Во однос на слободното време, податоците покажуваат дека вработените жени во текот на денот поминуваат 15 проценти на слободни активности, а невработените жени 21 процент.

Од сите домашни активности на жените, 16 проценти отпаѓаат на чистење на станот, а просечно дневно поминуваат по 1 час и 50 минути во гледање телевизија. Оние жени кои имаат деца трошат по 1 час и 57 минути на нивно згрижување.

Во урбаните средини жените просечно дневно поминуваат по 2 часа и 16 минути на забава и култура, додека жените во руралните средини на овие активности трошат по 1 час и 13 минути. По 1 час и 41 минута се поминуваат и во шетање на домашни миленици.