Државниот завод за статистика (ДЗС) не може да обезбеди голем број на податоци зошто тие се обезбедуваат единствено со Попис на населението, кој во земјава не е одржан од 2002 година, објасни в.д. директорот Апостол Симовски, на денешната работилница со претставници на граѓанските организации.
“Последната проценка на бројот на население дадена на 31 декември 2016 година е дека бројот е околу 2 милиона и 70 илјади. Дали верувате вие дека оваа бројка е точна? На Пописот се додаваат новородените, се одземаат починатите лица, и се додаваат мигрантите. Ние сме миграциско подрачје, а сега таа миграција се интензивира. Меѓутоа, опфатот на мигрантите е многу мал, особено за емиграцијата. Од овие причини, ние избегнуваме да даваме информации оти не сме сигурни колку се точни. На пример, не можеме да дадеме податоци за етничката припадност оти тие бројки се добиваат со Попис“, појасни Симовски.
Од невладините забележаа дека статистички податоци за Република Македонија недостасуваат на глобално ниво. Според нив, ДЗС треба да обезбедува повеќе статистички информации за меѓународните бази на податоци.
„Она што претставува проблем е што Заводот за статистика, во збирките податоци што ги работи, ги складира и податоците според дадени анкети или податоците од одредени области. Она што на невладините организации им претставува проблем е да ги споредат различните збирки на податоци, анкети и бази на податоци, и оттаму да извлечат заклучок, смета Билјана Дуковска од невладината „Македонска платформа против сиромаштија“.
„Има бројка на вработени сиромашни, која што во моментов е 8, 9 проценти, и за која ние не знаеме како е дојдено методолшки. Дали се тоа граѓани со ниски приходи, колку од нив се помлади, повозрасни…“, додава Дуковска.