При праќање на ексел табела со лични податоци на илјадници студенти преку официјалните мејлови на Машинскиот факултет, контролорот, во овој случај Машинскиот факултет, не применил соодветни технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на податоците и овозможил нивно откривање. Ова за Радио МОФ го потврдија од Дирекцијата за заштита на личните податоци, по завршувањето на инспекцискиот надзор кој траеше речиси половина година.
„Протекот“ кој се случи на 18 јануари, засегна 4.739 студенти, чии податоци циркулираа по мејлови на стотина студенти од Машински факултет. Оваа информација првично започна да се шири на социјалните мрежи.
Збирката на лични податоци која беше објавена е генерирана од Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет. Од Дирекцијата констатирале дека факултетот веќе презел мерки за санирање на инцидентот. Воедно, информираат дека лицата кои сметаат дека биле загрозени нивните податоци може да поднесат барање за проверка до дирекцијата.
„Сите субјекти на лични податоци (граѓани) кои се регистрирале преку веб-страницата на Машински факултет и чиишто лични податоци се дел од збирката на лични податоци на Центарот за развој на нови бизниси, може да поднесат Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци до Дирекцијата. Доколку по поднесеното Барање се утврди повреда на правото на заштита на личните податоци на субјектот, Дирекцијата за заштита на личните податоци донесува решение, кое може да се користи како доказ во постапка пред надлежниот суд“, информираат од ДЗЛ.
Деканот на Машинскиот факултет, Дарко Данев, во интервју за Радио МОФ уште во февруари веруваше дека не станува збор за хакерски напад. Тој тогаш рече дека доколку вината е нивна, ќе ја сносат одговорноста.