Џулијан Рахлин на Божиќен концерт со Македонската филхармонија

На 7 јануари, во Македонската опера и балет во 12.30 часот, ќе се одржи Божиќниот концерт на Македонската филхармонија, на кој како солист и диригент ќе се претстави светски познатиот виолинист од Австрија, Џулијан Рахлин.

На програмата се виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми: увертира од операта „Крадливата страчка“ од Росини, „Танцот на цвеќињата“ од балетот „Оревокршачка“ и Панорама и Валцер од балетот „Заспаната убавица“ од Чајковски, валцерот „Виенска крв“ од Штраус, увертира од операта „Руслан и Људмила“ од Глинка, „Стара Виена“ од Годовски, како и премиерите на „Убавиот Рузмарин“, Минијатурен виенски марш, „Љубовна тага“ и „Љубовна радост“ од Фриц Крајслер.

„Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола“, стои во најавата од организаторите.

Од неговите последни ангажмани се издвојуваат настапите во „Музиквереин“ во Виена со Минхенската филхармонија и маестро Семјон Бичков, како диригент со Англискиот камерен оркестар, соработката со виолончелистот Миша Мајски и пијанистот Итамар Голан, со Лондонската филхармонија и Андреј Борејко, со Баварскиот државен оркестар и Зубин Мехта, со Симфонискиот оркестар на Бостон и Алан Гилберт, но и со Филхармонијата на Санкт Петербург и Јуриј Темирканов.

Во 1998-ма година од магазинот „Мјузик Мануал“  е прогласен  за музичар на годината, а во 2000-та му е доделена меѓународната награда на славните на Музичката академија во Сиена. Свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1704 година. Од неговото деби како диригент, пак, во 1988 година, Рахлин предводи голем број на симфониски и камерни оркестри, а чести се неговите настапи во кои ја игра двојната улога – и како виолинист и како диригент.