Џорџија го донесе најрестриктивниот закон за абортус

Гувернерот Брајан Кемп од американската сојузна држава Џорџија го потпиша можеби најстриктниот и радикален закон досега со кој се забранува абортирање по шесттта недела од бременоста. Ова е четврта држава на САД која носи ваков закон и се очекува, како и во останатите случаи во Кентаки, Мисисипи и Охајо, да има реакција од страна на Врховниот Суд и реевалуација на законот од 1973 година со кој абортусот се легализираше на национално ниво.

Овој закон е дел од големата битка на Републиканците во САД да го криминализираат абортусот бранејќи го правото на живот. По шестата недела докторите веќе можат да го регистрираат срцевото чукање кај фетусот и, почнувајќи од 2020 година, тоа е границата до која мајката ќе може да го абортира детето. Наведени се одредени исклучоци во кои тој нема да важи како што се: случаи кога постои загрозеност по животот или здравјето на мајката, силување или инцест, но кога за нив ќе има полициски извештај.

Поддржувачите на правото на абортус се повикуваат на одлуката на Врховниот Суд дека мајката има потполно право да абортира се до дваесет и четвртата недела од бременоста. Тие велат дека најголемиот проблем со овој закон, покрај очигледното ограничување на правото на избор, е дека во многу случаи пред шестата недела жената не ни знае дека е бремена. Најчесто бременоста се открива по првиот месец што остава простор од само две недели за носење на една екстремно тешка одлука.

„Забрани како оваа досега секогаш беа укинувани од судовите“, велат активисти од групите кои ги ги оспорија ваквите закони во останатите држави, „ќе направиме се во наша моќ и овој закон да ја има истата судбина“.